Дебата во Собранието за Извештајот на ЕК: Сали повикува на спроведување, не само донесување закони
Министерот за европски прашања вели дека Извештајот на ЕК ги признава реформите, но укажува на слабости кои бараат институционално следење и рокови.

На заедничката седница на Комисијата за европски прашања и Националниот совет за евроинтеграции денеска се водеше дискусија за Извештајот на Европската комисија за 2026 година. Министерот за европски прашања Беким Сали оцени дека документот ја признава нашата активна ангажираност и испораката на реформи, но укажува и на слабости кои бараат дополнителна работа.
Сали посочи дека извештајот го препознава напредокот во Планот за раст на Западен Балкан и во Реформската агенда, како и доследната усогласеност со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ. "Истовремено јасно ги посочува слабостите што бараат дополнителна работа, особено во владеењето на правото, независноста на судството, борбата против корупцијата, јавната администрација и спроведувањето на законите. Кон овие наоди треба да пристапиме сериозно и без селективно читање" – рече Сали.
Министерот нагласи дека расправата не смее да се сведува на изолирани статистики или политичко толкување на една бројка, туку дека суштината е што е подобрено и каде е напредокот ограничен. "Донесувањето на закон е само почеток, а спроведувањето е вистинското мерило за успех," подвлече тој и побара секоја препорака на Комисијата да се поврзе со надлежна институција, реален рок и јасен начин за мерење на спроведувањето.
Евроамбасадорот Михалис Рокас ги постави наодите во глобалниот контекст на поларизираниот свет по агресијата врз Украина и неизвесноста во Средниот исток. Тој оцени дека Северна Македонија е меѓу државите со највисоко ниво на подготвеност и ја издвоил целосната (100%) усогласеност со надворешната и безбедносна политика на ЕУ. Рокас ја истакна дигитализацијата и образованието како области со највидлив напредок и предупреди дека закони усвоени на хартија треба да се применуваат и во практика.
Пратеникот Александар Милошоски, осврнувајќи се на говорот на претседателот на Националниот совет за евроинтеграции, оцени дека дел од обвиненијата кон политичките ривали се претерани и го истакна значењето на тоа проширувањето повторно да се најде на дневен ред по војната во Украина. Тој рече дека доколку Црна Гора успее да ги затвори сите поглавја до крајот на 2026, тоа ќе биде важен сигнал за процесот и дека ќе знаеме повеќе во декември.
Во завршниот дел Сали најави посилна меѓуинституционална координација за навремено препознавање на доцнењата и за инсистирање на видливи резултати. "Резултатите што ги постигнуваме со Реформската агенда се препознаени... Ќе го признаеме напредокот без преувеличување, ќе ги прифатиме недостатоците и без избегнување одговорност ќе ги преточиме препораките во надлежности, рокови и резултати. Тоа им го должиме на Собранието, на европските партнери и пред се на граѓаните" – заклучи Сали.
Фото: прес-материјал од настанот


