Почетна
Политика

Демократската платформа бара обединување на опозицијата — но без Филипче

Иницијаторите велат дека нема да формираат нова партија туку ќе ги обединат опозициските сили и ќе бараат промена во СДСМ.

·Политика
Демократската платформа бара обединување на опозицијата — но без Филипче

Група поранешни и сегашни функционери на СДСМ денеска го претставија Демократската платформа и најавија дека нивната примарна цел е обединување на опозицијата и враќање на довербата кај граѓаните — но појаснија дека во тоа не смее да биде опфатен Венко Филипче како лидер на партијата.

Иницијаторите бараат поширока опозициска коалиција

На брифингот со новинари, на кој присуствуваа Игор Ивановски, Емилијан Станковиќ, Гордан Георгиев, Андреј Петров, Никола Ќуркчиев и Славјанка Петровска, беше нагласено дека не станува збор за формирање нова политичка партија. Платформата ја опиша својата оцена како обид да се окрупни опозицијата во една граѓанска, мултиетничка платформа и да се побара промена на раководството на СДСМ.

„Нема да бидеме нова политичка партија, нема да бидеме ни ЗНАМ, ни НСДП. Нема да правиме ниту независни листи за парламентарните избори. Целта ни е да помогнеме, да ги обединиме сите во една граѓанска, мултиетничка платформа и промени на ова раководство на СДСМ. Крајна цел е победа на оваа власт. СДСМ се бореше против заробена држава, а стана заробена партија“, рече Игор Ивановски, член на платформата.

Иницијаторите најавија дека ќе презентираат збир мерки и решенија со кои, според нив, опозицијата може да излезе од актуелната бездна и да се подготви да се соочи со власта и да ја победи. Тие оценуваат дека постои изразено опозициско расположение меѓу граѓаните, но дека недостига силна и организирана политичка алтернатива, поради што најавија разговори со граѓани, организации и политички партии за пошироко обединување.

Поранешната министерка за одбрана и актуелна пратеничка од СДСМ, Славјанка Петровска, рече дека јавното појавување на платформата следува по речиси две години внатрепартиски разговори и обиди за промени.

„Подолг период зборував одвнатре во партијата. Имав неколку разговори со претседателот на партијата и тие или завршуваа со одмолчување или со потврдување, а потоа со неспроведување на договореното. Затоа, по две години решивме медиумски да се појавиме. Имав непристојни понуди од раководството да бидам дел од него, за сметка на тоа да туркам работи под маса. Јас не се согласив“, рече Петровска, додавајќи дека луѓето кои се дел од платформата не се проблемот на СДСМ, туку можат да бидат дел од решението за состојбите во партијата.

Емилијан Станковиќ истакна дека Филипче не е соодветен за да ја предводи партијата и дека платформата има план за структурни промени во СДСМ: „Филипче не е претставник на членството на СДСМ. Тој зема членска книшка пред да стане министер. Кога ние се боревме против режимот, Филипче беше дел од контрапленумот. Имаме план како да предизвикаме структурни промени во СДСМ, но прво ќе му ги кажеме на Филипче“, рече Станковиќ.

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, ги повика членовите и поранешните функционери на партијата кои се меѓу иницијаторите на Демократската платформа да се вклучат во внатрепартиска дебата, оценувајќи дека натамошното раздробување на опозицијата не е во интерес на државата. Филипче, исто така, обвини дека дел од иницијаторите имаат финансиски интереси поврзани со актуелната власт.

Фото: СДК.МК)

Поврзани написи