Демократската платформа: Цел — обединување на опозицијата и пораз на власта
Платформата, составена од актуелни и поранешни функционери на СДСМ, вели дека нема да формира нова партија туку ќе иницира разговори за обединување на опозицијата.

Гордан Георгиев, Андреј Петров, Славјанка Петровска, Игор Ивановски, Никола Ќуркчиев и Емилијан Станковиќ, како претставници на демократската платформа, на брифинг изјавија дека нивната цел е да иницираат разговори за окрупнување на опозицискиот фронт и со тоа да ја остварат целта за пораз на актуелната владејачка гарнитура.
Тие нагласија дека платформата нема намера да прерасне во нова политичка партија ниту да носи независни листи на парламентарни избори. „Ние не сме и нема да бидеме нова политичка партија. Нема да правиме ниту независни листи за парламентарните избори. Целта ни е да помогнеме во окрупнување на опозицијата и враќање на довербата кај граѓаните разочарани по неуспехот на ветувањата дадени во 2016-2017 година,“ порачаа од платформата.
Составена од актуелни и поранешни функционери на СДСМ
Според говорниците, демократската платформа е составена од актуелни и поранешни функционери на СДСМ кои во изминатите две години воделе внатрепартиски разговори без резултат. Славјанка Петровска изјави дека тие разговори, вклучително и со претседателот на партијата Венко Филипче, често завршувале со одмолчување или со договори кои не биле спроведени.
Игор Ивановски ја оцени работата на владата и слабоста на опозицијата: „Оваа влада покажа отсуство на желба за борба против корупција, отсуство на волја за реформи, пред сè во правосудството, отсуство на сервисни политики – во здравство, во образование, во економијата. Оваа влада се кандидира да биде на врвот на најнеспособни влади и ги изневери очекувањата на грааѓаните. Но зошто владата има толкав рејтинг – зашто има отсуство на алтернатива во равенката а тоа е отсуство на способна, ефикасна, силна опозиција, која не би овозможила ваков дисбаланс,“ рече Ивановски.
Емилијан Станковиќ и Андреј Петров додадоа критики за способностите на Венко Филипче како партиски лидер и демантираа поврзаност со екс-лидерот Зоран Заев. Како што рече Станковиќ: „Филипче не е претставник на членството на СДСМ, тој зема членска книшка пред да стане министер. Кога ние се боревме против режимот, Филипче беше дел од контрапленумот. Имаме план како да предизвикаме структурни промени во СДСМ, но прво ќе му ги кажеме на Филипче.“
Платформата ја претставија како „граѓанска, мултиетничка“ иницијатива отворена за разговори со секој граѓанин, организација и партија — вклучувајќи и СДСМ, но не со сегашното раководство. Следната рунда разговори на демократската платформа е закажана за в сабота во 12:05 часот.
Фото: прес-материјал од настанот


