Почетна
Македонија

„Денови на Света Мајка Тереза“: Скопје одбележува 10 години од канонизацијата

Духовни, културни и хуманитарни активности во Скопје, до 5 септември, по повод 10 години од канонизацијата на Мајка Тереза.

·Македонија
„Денови на Света Мајка Тереза“: Скопје одбележува 10 години од канонизацијата

Во Скопје денеска со свечено отворање кај Порта „Македонија“ почнува манифестацијата „Денови на Света Мајка Тереза“, настан посветен на одбележување на 10-годишнината од нејзината канонизација. Настаните ќе траат до 5 септември и ќе вклучуваат духовни, културни и хуманитарни активности.

Манифестацијата ја организираат скопскиот бискуп и струмичко-скопскиот епарх, монсињор д-р Киро Стојанов, и Заедницата на Хрватите во Република Македонија – разгранок Скопје. Свеченото отворање е закажано за денеска во 19.30 часот кај Порта „Македонија“. Пред присутните ќе се обрати монсињор д-р Киро Стојанов со излагање на тема „Скопјанката од Колката, која го промени светот“, а м-р Љерка Тот-Наумова ќе говори за животниот пат и за хуманитарната мисија на Мајка Тереза.

Дел од програмата

На 31 август, во 19.30 часот, во капелата на Спомен-куќата на Мајка Тереза е предвиден настан со настап на Серафина Фантауза со Ave Maria од Шуберт, читање избрани цитати од Мајка Тереза на македонски и англиски јазик од м-р Еленора Николовска и молитвен дел од редот Мисионерките на љубовта од Скопје. На крајот епископот Стојанов ќе го подели својот благослов.

На 1 септември, во Домот на културата „Кочо Рацин“, со почеток во 19.30 часот, ќе се одржи поетска вечер со песни посветени на Мајка Тереза. Во рамките на вечерта ќе биде поставена и продажна изложба на уметнички дела од македонски академски сликари, подарени на Католичката црква; приходот е наменет за сиромашните лица, штитеници на македонски „Каритас“.

На 3 септември, во 19.30 часот, во катедралата „Пресвето Срце Исусово“ ќе се одржи концерт на Мандолинскиот оркестар „Скопје“ под диригентство на Ерхан Шукри. Во петок, 4 септември, во претпладневните часови монсињор д-р Киро Стојанов и избрана делегација ќе посетат ранливи семејства и ќе им донираат пакети со храна и хигиенски средства. Истиот ден во 18.00 часот во катедралата монсињор Стојанов ќе ја предводи светата Литургија, а потоа дон Давор Топиќ ќе ги сподели своите впечатоци од канонизацијата на Мајка Тереза во 2016 година.

Манифестацијата ќе заврши в сабота, на 5 септември, со понтификална света Литургија во 18.00 часот во катедралата „Пресвето Срце Исусово“. Светата Литургија ќе ја предводи монсињор д-р Петар Палиќ, Мостарско-дувањски бискуп и Требињско-мркански апостолски администратор, заедно со домашниот бискуп монсињор Киро Стојанов и други поканети бискупи.

Во пресрет на отворањето, утре во 11 часот во Спомен-куќата на Мајка Тереза ќе бидат отворени три тематски изложби посветени на нејзиниот живот и наследство.

Фото: Pixabay Со свечено отворање кај Порта

Поврзани написи