Почетна
Свет

Денови на жалост во Краков по пукањето — најмалку шест мртви, 16 ранети

Полицијата соопштува дека осомничениот е уапсен, а властите предупредуваат за лажни снимки и дезинформации.

·Свет
Денови на жалост во Краков по пукањето — најмалку шест мртви, 16 ранети

Во Краков е прогласена жалост до 11 ноември по вооружен напад во близина на Главниот плоштад во кој напаѓач пукал врз случајни минувачи — најмалку шест лица се убиени, а 16 се ранети, соопштија полските власти. Три дополнителни тела беа пронајдени во домот на осомничениот, кој беше уапсен кратко по инцидентот.

Меѓу жртвите има четири жени и двајца мажи. Според објави во медиумите, напаѓачот со црн автомобил „субару“ влетал на Главниот плоштад околу 15 часот, кога таму имало голем број туристи.

Осомничениот и истрагата

Полициските извештаи го идентификуваат осомничениот како 24-годишен Полјак, а дел од тамошните медиуми, повикувајќи се на неофицијални извори, наведуваат дека можно е да се работи за војник. Автомобилот бил регистриран на неговиот 52-годишен татко, кој има дозвола за поседување оружје и поседува најмалку 11 парчиња огнено оружје од различен вид.

„Сè укажува на тоа дека отворил оган случајно кон минувачите. Го обиколил Главниот плоштад и се упатил кон населбата Казимјеж. Прерано е сега да зборуваме за што конкретно ќе биде обвинет“, изјави обвинителот Томаш Вашчук.

Полскиот премиер, Доналд Туск, на платформата Икс напиша дека полицијата го истражува пукањето и дека тој добива информации за случајот од министерството за внатрешни работи. Властите ги повикаа граѓаните да ги следат официјалните информации откако на социјалните мрежи се појавија многу снимки и објави, од кои дел се лажни или изработени со помош на вештачка интелигенција, како и бројни шпекулации и дезинформации.

Нападот предизвика бран реакции и осуди низ Европа. Украинскиот претседател Володимир Зеленски го оцени настанот како шокантен и изрази сочувство до семејствата на жртвите. Високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Каја Калас, го нарече нападот „трагедија чии последици ќе се почувствуваат далеку надвор од границите на Полска“, а сочувство изрази и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.

Фото: прес-материјал од настанот

Поврзани написи