Десет фирми добиле околу 500 милиони евра од градежни тендери (2021–2025)
Анализа покажува раст на вредноста и намалување на конкуренцијата; надзорот и договорите се концентрирани.

25 ноември 2026 — Истражување на Центарот за граѓански комуникации покажува дека градежните работи остануваат највредната област во јавните набавки во Северна Македонија, но дека доделувањето и реализацијата на договорите стануваат сè по-концентрирани и со помалку конкуренција.
Анализата бележи дека во периодот 2021–2025 вкупната вредност на договорите за градежни работи изнесува 1,5 милијарди евра. И покрај порастот на вредноста, конкуренцијата на тендерите опаѓа: просечниот број понуди по тендер се намалил од пет во 2021 година на три во 2025 година.
Истражувањето укажува на значително зголемување на вредноста на постапките завршени со само еден понудувач — од 38 милиони евра во 2021 година на 141 милион евра во 2025 година. Аналитичарите предупредуваат дека овој тренд носи ризик дека условите во тендерите се прилагодуваат на ограничен круг компании, со претпоставлив исход.
Во извештајот е забележано и дека кај голем број договори условите се менуваат по нивното склучување: продолжуваат рокови, се зголемува вредноста и се менуваат условите за изведба, поради што проектите често се реализираат под поинакви параметри од оние за кои првично биле доделени. Меѓу барањата што ја ограничуваат конкуренцијата се специфични референции, однапред дефинирани кадри, посебна опрема, сопствени лаборатории и сопствени асфалтни и бетонски бази.
Десет компании добиле околу половина милијарда евра
Во периодот 2021–2025 десет градежни компании добиле тендери во вредност од околу половина милијарда евра — речиси една третина од вкупната вредност на јавните набавки за градежни работи. Во анализата се наведени „Стентон Градба“ (Битола), „Жикол“ (Струмица), „Илинден“ (Струга), „Гранит“ (Скопје), „Бауер БГ“ (Скопје), „Ју-Бај 2“ (Скопје), „Битем“ (Скопје), „НБ-Компани“ (Тетово), „Ленди Груп“ (Скопје) и „Зобек Мининг“ (Скопје).
Концентрацијата е присутна и меѓу компаниите што вршат надзор над градежните работи: само десет фирми опфаќаат 91 процент од вкупната вредност на договорите за надзор, додека две компании учествуваат со повеќе од 61 процент. Центарот предупредува дека ваквата концентрација зголемува ризик од зависност, судир на интереси и недоволно независен надзор при реализацијата на јавните проекти.
Анализата дополнително покажува дека вредноста на тендерите за градежни работи е значително повисока во изборни години, особено во периодите на локалните избори, што Центарот за граѓански комуникации го оценува како ризик од можна злоупотреба на јавни средства за изборни цели. Извештајот повикува на поголема проверка на нивото на конкуренција и на начинот на доделување и спроведување на договорите.
Фото: прес-материјал од настанот


