Десетици илјади севернокорејски работници во Русија — парите завршуваат кај режимот
Експерти и организации за човекови права предупредуваат дека по одбитоците работниците често добиваат само симболични износи.

Десетици илјади граѓани на Северна Кореја работат во Русија под строг надзор, но големиот дел од нивните приходи не остануваат кај нив, туку се насочуваат кон режимот во Пјонгјанг, велат истражувања и организации за човекови права.
Експертите проценуваат дека во Русија во моментов има околу 50.000 севернокорејски работници. „Тој број брзо расте. Летовите кон руските градови се полни со Севернокорејци“, вели рускиот експерт за Кореја, Андреј Ланков, кој предава на Универзитетот Кукмин во Сеул, и предупредува дека бројот може да нарасне и до 150.000.
Како се собираат платите и каде завршуваат парите
На прв поглед заработката во Русија изгледа повисока во споредба со просечните примања во Северна Кореја: „Просечната годишна плата на севернокорејските работници во Русија изнесува околу 7.000 евра“, вели Јеџи Ким од организацијата Глобал рајтс комплајанс. Но од таа сума се одбиваат значителни трошоци за сместување и исхрана, како и долгови и надоместоци за посредници.
Според сведочења дадени анонимно на истата организација, по сите одбитоци на некои работници им остануваат едвај околу десет евра месечно. Мнозинството рекле дека заминале во Русија со надеж дека ќе заштедат за семејството, но не им било соопштено како изгледаат вистинските услови пред да тргнат.
Контролата е ригидна: секоја група работници има надзорник избран од властите во Пјонгјанг, нивните пасоши им се одземени, а членовите на семејствата кои остануваат дома служат како средство за притисок. „Северна Кореја притоа смета и на членовите на семејствата кои остануваат во земјата“, истакнува Јеџи Ким.
Стручњаците ја опишуваат практиката како форма на државно организирана присилна работа, во спротивност со конвенциите на Меѓународната организација на трудот. За руската економија, оптоварена од војна и санкции, ова обезбедува послушна и евтина работна сила; за режимот во Пјонгјанг, пак, доаѓа прилив на девизи и пристап до стоки и технологии кои се корисни за елитата.
Фото: прес-материјал од настанот


