Детето со убод во срцето е стабилно, но сѐ уште животозагрозувачка состојба
Министерот за здравство: движењето на срцето е во ред, но детето е и натаму во животна опасност; приведен 19‑годишник.

Тринаесетгодишното дете кое беше прободено во градата е стабилно, но и натаму во животозагрозувачка состојба, соопшти денес министерот за здравство, Сашо Клековски.
„Последната информација, за жал, ми е од вчера. Стабилна, во животозагрозувачка состојба, сѐ уште. Добрата страна – кинетиката – движењето на срцето е во ред, меѓутоа, сѐ уште е во животна опасност“, одговори Клековски на новинарско прашање на денешната прес-конференција.
Приведување и социјални служби
Полицијата приведе 19‑годишник поврзан со случајот, додека неговиот брат е предаден на социјалните служби. Прободеното дете и натаму е на лекување во клиничка установа.
Министерот Клековски на пресот повторно упати предупредување за ризик од епидемија на морбили, поради тоа што само 62 отсто од учениците се вакцинирани — ниво кое според него не овозможува колективен имунитет.
„Во основа, Институтот за јавно здравје ги спроведе сите неопходни активности за информирање, меѓутоа вие знаете дека во основа имаме, особено во некои урбани средини – силно противење на вакцинацијата. И мораме да гледаме малку поаналитички како тоа да го надминеме бидејќи нема логика во, условно кажано, помалку развиени средини да имаме многу висок степен на опфат, вклучувајќи и со помалку прифатени вакцини, како ХПВ, а од друга страна, во средините кои се најразвиени, каде што образованието е на највисок степен, да имаме најнизок степен на опфат. И тоа е предизвик со кој мораме малку поаналитички, системски да се соочиме – одговори Клековски.
Клековски најави и промени во опфатот за пациенти со цистична фиброза кои можат да примаат „трикафта“: „Многу набргу ќе има промени таму, ќе ги објавиме. Очекувам дека на крајот на месецот ќе има нови објавени протоколи и ќе имаме нов опфат и на возрасна група и на генетски варијации“, појасни тој и потврди дека со промените е планирано и децата над две години да можат да го добијат лекот „трикафта“.
Фото: прес-материјал од настанот


