ДИК го утврди изгледот и заштитата на гласачкото ливче за Брвеница
Комисијата ги утврди елементите на ливчето, редоследот на кандидатите и правилата за двојазично печатење за вонредниот избор во Брвеница.

Државната изборна комисија (ДИК) ги утврди содржината, изгледот и мерките за заштита на гласачкото ливче за предвремените избори за градоначалник на Општина Брвеница, закажани за 18 октомври 2026 година.
Точка на затворена седница поради доверливост
Од ДИК појаснуваат дека точката беше разгледана на затворена седница со цел зачувување на доверливоста на изборниот материјал и заштита на интегритетот на изборниот процес, согласно Изборниот законик и членот 33 од Деловникот на Комисијата. За затворениот дел е составен посебен записник кој, заедно со тонската снимка, ќе биде архивиран и нема да биде јавно објавен.
При дефинирањето на содржината на гласачкото ливче од ДИК нагласуваат дека биле целосно применети сите законски норми. Ливчето ќе се печати на македонски јазик и кирилско писмо и на службениот јазик и писмо кои ги употребуваат најмалку 20 отсто од граѓаните во Општина Брвеница, како и, според застапеноста, на јазикот и писмото на заедниците на кои припаѓаат кандидатите.
Гласачкото ливче ќе содржи име на општината, број на гласачкото место, име и симбол на подносителот, како и реден број, име и презиме на кандидатите по утврдениот редослед. Делот што останува на кочанот ќе ги содржи серијскиот број, општината и бројот на гласачкото место.
На претходни седници ДИК го утврди редоследот на кандидатите. Под реден број 1 е кандидатот предложен од Коалицијата „Твоја Македонија“ – ВМРО-ДПМНЕ, Стојанчо Радичевски. Втор е кандидатот предложен од коалицијата предводена од Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ), Јовица Радески, а потоа следува кандидатот предложен од Група избирачи – Душан Богдановски.
Четврти е кандидатот предложен од Влен, Јакуп Хусеини, петти е кандидатот предложен од Група избирачи – Арифе Идризи, а под реден број 6 е кандидатот предложен од Коалицијата „Национална алијанса за интеграција“ (НАИ), Аркин Јахији. ДУИ ја достави кандидатурата на Аркин Јахији за градоначалник на Брвеница.
Одлуката за распишување предвремени избори следи по ненадејната смрт на Јовица Илиевски, кој на локалните избори минатата есен го доби вториот мандат како градоначалник на општината.
Фото: прес-материјал од настанот


