Директор и наставник повредени во пукање пред училиштето „Жозеф Лаканал“ во Обањ
14-годишен ученик обвинет за пукање пред училиштето „Жозеф Лаканал“; нападот се случи додека низ Франција има протести на ученици.

Директорот на училиштето и еден наставник беа повредени откако во градчето Обањ во департманот Буш-ди-Рон на југот на Франција едно лице испукало истрели пред училиштето „Жозеф Лаканал“.
Според првичните информации, напаѓачот — осомничен ученик на 14 години — испукал зрна од пиштол калибар девет милиметри и од пушка сачмарка. Двајцата повредени веднаш биле пренесени во болница со прострелни рани.
Напаѓачот брзо бил уапсен
Локалната полиција потврди дека напаѓачот бил уапсен кратко по пукањето. „Пукаше четири или пет пати и брзо по нападот беше уапсен", изјави полицијата.
На местото на настанот интервенираа припадници на локалната полиција и противпожарната служба во Обањ. Случајот е во рацете на истражните служби додека трае утврдувањето на мотивите и околностите.
Француските министри за внатрешни работи и за национално образование, како и министерот делегат за стручно образование, обука и професионална пракса, денеска попладне ќе го посетат Обањ.
Пукањето се случи во време кога низ Франција се одржуваат протести на средношколците поради незадоволството од состојбата во образованието и условите за школување.
Фото: прес-материјал од настанот


