Почетна
Македонија

Директорот на „Телеком Србија“ Владимир Лучиќ прогласен за персона нон грата во Косово

Министерството за внатрешни работи на Косово му забрани на Лучиќ влез и престој откако тој најави нови објекти во Северна Митровица.

·Македонија
Директорот на „Телеком Србија“ Владимир Лучиќ прогласен за персона нон грата во Косово

Министерството за внатрешни работи на Косово донесе одлука со која генералниот директор на „Телеком Србија“, Владимир Лучиќ, е трајно прогласен за персона нон грата — со забрана за влез, транзит и престој на целата територија на Косово.

Во образложението за мерката официјална Приштина наведува дека јавните изјави на Лучиќ претставуваат „закана по суверенитетот, територијалниот интегритет и уставниот поредок на Косово“, и го обвинуваат дека отворено поттикнува говор на омраза и дестабилизација.

Забраната уследи по посетата на Северна Митровица, во која Лучиќ најави изградба на шест нови објекти на „Телеком Србија“ со цел српското население таму да добие поквалитетна фиксна телефонија — најавa што косовските власти ја означија како еден од главните мотиви за одлуката.

Кој е Лучиќ и какво е неговото регионално влијание

Вladimir Лучиќ важи за еден од најмоќните менаџери во телекомуникацискиот сектор во Југоисточна Европа. Како долгогодишен прв човек на државниот гигант „Телеком Србија“, тој ја води корпоративната стратегија за регионална експанзија која ја прошири присутноста на компанијата во повеќе соседни пазари.

Под негово раководство „Телеком Србија“ оствари значајно присуство во Босна и Херцеговина, Црна Гора, а во поново време и во Австрија, Германија и во Македонија. Лучиќ често се опишува како вешт стратег, блиску до српскиот претседател Александар Вучиќ, а телекомуникациската политика се третира и како дел од стратешките национални интереси.

Во Македонија тој се смета за клучниот актер зад влезот на српскиот државен капитал во телекомуникацискиот и медиумскиот бизнис: Mtel, формиран во 2021 година, почна како сателитски ТВ-провајдер и прерасна во виртуелен мобилен оператор; официјално ја презеде базата на корисници од Lyca Mobile; финализира преговори за преземање на Неотел (договорот е во фаза на финални регулаторни одобрувања за нивната оптичка мрежа) и ја купи сателитската платформа Total TV од United Group.

Влијанието на „Телеком Србија“ во медиумскиот сектор е видно и преку швајцарската подружница Mtel Swiss, која е сопственик на Bloomberg Adria, додека регионалните франшизи носеа во домовите во Македонија канали како Еуроњуз и Њузмакс Балканс. Најголемо влијание во етерот имаат спортските канали Арена Спорт, кои држат ексклузивни права за настани како Светското првенство во фудбал, Лигата на шампионите, англиската Премиер лига и шпанската Примера; на кабелските мрежи под капата на операторот се емитува и филмскиот канал Суперстар ТВ.

Фото: прес-материјал од настанот

Поврзани написи