Џина Папас Џокси ја претстави новата верзија на „Љубовта е“ со Мики Јовановски Џафер и Дарио Панковски
Песната е снимена за неговиот 50-годишен музички јубилеј; најавен голем концерт и дует со Анета Љумаковска.

Џина Папас Џокси ја претстави новата обработка на песната „Љубовта е“ која ја изведе заедно со долгогодишните пријатели и соработници Мики Јовановски Џафер и Дарио Панковски. Новата верзија и придружниот, спонтано снимен видеозапис пристигнаа како дел од прославата на неговиот 50-годишен музички јубилеј и добија топли реакции.
„Можеби ја паметите „Љубовта е“ од Макфест 2018. Приказната за неа почна многу порано, кога му ја отпеав на Мики Јовановски Џафер кај нас дома и му предложив заедно да ја пријавиме на нашиот избор за Евровизија. Таа идеја тогаш остана нереализирана. Денес, по повеќе од две децении, ми е особено драго што песната ја пеам со Мики и Дарио“, рече Џокси.
Во новата изведба се вратени строфи кои беа изоставени за настапот на Макфест, а целото издание е резултат и на долгорочно пријателство меѓу изведувачите. Снимката беше подготвена специјално за јубилејот и излезе заедно со едноставен видеозапис што ја нагласува природноста и хемијата меѓу музичарите.
„Кога ја пишував музиката за „Љубовта е“, појдов од тоа како Огнен Неделковски ги реди сликите во текстот. Истите два збора, „Љубовта е“, нè враќаат на почетокот, а секојпат по нив доаѓа нешто неочекувано. Од „добитен тикет“ до „слатка лага“, па сè до „земја наша“. Сакав мелодијата да ги поврзе тие слики, а на зборовите да им остави простор да го сменат расположението. Така, истото „Љубовта е“ еднаш го слушаш со насмевка, а другпат ти звучи горчливо, зависно од тоа што доаѓа по него. Затоа ми беше важно во новата верзија да ги вратиме двете строфи што ги изоставивме за Макфест, со силни емоции вели Џафер.
Автори и продукција
Автор на стиховите е Огнен Неделковски, новиот аранжман е на Валентино Скендеровски, а во продукцијата учествуваше и Томче Бојаџиески. Тимот истакнува дека видеото се родило природно во студиските моменти, а не како режиран клип, што ѝ дава спонтана атмосфера.
Во рамки на јубилејниот проект Џокси најави голем концерт во април 2027 година, на кој планира да настапи со околу дваесетина македонски пејачи и инструменталисти и да изведе нови версии од својот репертоар. Меѓу најавените соработки е и дуетот со Анета Љумаковска за песната „Капка капинаше“.
Фото: прес-материјал од настанот


