Доаѓа топлотен бран: есента носи температури до 40 °C
Severe Weather Europe предупредува дека „топлинска купола“ ќе донесе ненормално високи температури низ континентот до почетокот на октомври.

Метеоролошкиот сервис Severe Weather Europe предупредува дека силен топлотен бран ќе ја зафати Европа на крајот од септември и ќе се задржи во првите денови од октомври, со температури значително над просекот за овој период.
Што го предизвикува бранов
Според објаснувањето на прогнозерите, причината е формирање на долина на низок воздушен притисок над Северниот Атлантик која потиснува топол, речиси тропски воздух од Северна Африка длабоко кон копното. Истовремено, силен висок притисок делува како блокада и ги спречува атлантските студени фронтови да проникнат, оставајќи сушен и топол воздух над голем дел од континентот.
Најекстремни температури се очекуваат на Иберискиот Полуостров, каде што во централните и јужните делови на Шпанија и Португалија термометрите ќе покаже од 35 до дури 40 °C. Топлината ќе се прошири и кон другите делови на Европа:
Франција: во јужните и централните делови температурите може да достигнат до 35 °C, додека на север и во земјите од Бенелукс се очекуваат околу 30 °C.
Германија, Полска и Балтикот: Германија од недела ќе измери помеѓу 27 и 29 °C, по што топлотниот бран ќе се прошири кон Полска и балтичките земји.
Велика Британија: во јужна Англија се очекуваат до 28 °C, додека Ирска и Шкотска ќе останат посвежи (околу 15–16 °C) со обилни врнежи на запад.
Италија и Балканскиот Полуостров исто така ќе влезат во период на необично топло време: се предвидува температурите во северна Италија, Тоскана, на Балканот и во Грција да се искачат до околу 30 °C, приближувајќи се до историските рекорди за овој период од годината.
Прогнозите укажуваат дека ваквиот временски модел може да се задржи и во почетокот на октомври, при што потоплиот воздушен бран ќе се движи сè подалеку на север и на исток и дури ќе го зафати и Скандинавија — во Шведска и Финска се очекуваат големи отстапувања од повеќегодишниот просек.
Метеоролозите и здравствените служби предупредуваат дека екстремната топлина може да има негативно влијание врз здравјето, особено кај ранливите категории: постарите лица, децата и хронично болните. Зголемен ризик има и за работниците на отворено во градежништвото и земјоделството, како и за социјално загрозените домаќинства чиите домови дополнително ја задржуваат топлината.
Фото:


