Почетна
Магазин

Добра вест за вработените: К-15 годинава е повисок — еве колку изнесува

Минималниот регрес за годишен одмор во приватниот сектор оваа година е околу 19.116 денари, пресметано врз основа на просечните нето-плати од февруари до април 2026.

·Магазин
Добра вест за вработените: К-15 годинава е повисок — еве колку изнесува

Исплатата на регресот за годишен одмор, попознат како К-15, е во тек во приватниот сектор, а оваа година минималниот износ е повисок поради зголемените просечни плати во земјата.

Минималниот К-15 за 2026 година изнесува околу 19.116 денари, пресметано врз основа на просечните нето-плати за февруари, март и април 2026 година.

Според Општиот колективен договор за приватниот сектор од областа на стопанството, регресот за годишен одмор изнесува најмалку 40 проценти од основицата, а за пресметка се зема просечната месечна нето-плата по работник исплатена во последните три месеци.

За февруари просечната нето-плата била 46.159 денари, во март достигнала 48.433 денари, додека во април изнесувала 48.779 денари. Просекот за трите месеци е околу 47.790 денари, што значи дека 40 проценти од оваа сума се приближно 19.116 денари.

Кој има право и како се исплаќа

Право на К-15 имаат работниците во приватниот сектор кои ги исполнуваат условите предвидени со колективниот договор. Еден од основните услови е работникот да има работено најмалку шест месеци во календарската година кај истиот работодавец. Исплатата може да се врши во текот на годината, но најдоцна до крајот на календарската година.

Ова е минимален износ — работодавците може да исплатат и значително повеќе. Од синдикалните извори укажуваат дека некои компании кои оствариле добри деловни резултати им плаќаат на вработените регреси меѓу 40.000 и 50.000 денари, додека кај извонредно успешни фирми и во сектори со сериозен недостиг на работна сила К-15 може да достигне 80.000, па дури и 100.000 денари. Некои работодавци, покрај регресот, обезбедуваат и дополнителни финансиски бенефиции како 13-та плата или годишни бонуси.

К-15 е парично право и мора да се исплати во пари — работодавецот не може еднострано да го замени со производи, ваучери, услуги или друг вид надоместок. Компанија која се соочува со сериозни финансиски тешкотии може да исплати помал регрес, но намалувањето мора да ги исполни условите и постапките предвидени во колективниот договор. За најголем дел од вработените во приватниот сектор, сепак, минималниот К-15 годинава е околу 19.116 денари и претставува значително дополнување на домашниот буџет во периодот на летните одмори.

Фото: прес-материјал од настанот

Поврзани написи