Почетна
Македонија

Долгот на општините пораснал за скоро 30 милиони евра — должат над 93 милиони евра

Заклучно со јуни општините должат над 93 милиони евра, а долгот на јавните институции продолжува да се зголемува.

·Македонија
Долгот на општините пораснал за скоро 30 милиони евра — должат над 93 милиони евра

Општините во Северна Македонија за една година натрупале нов долг од околу 30 милиони евра, а во текот на последните три месеци нивните доспеани, а неплатени обврски се зголемиле за нешто над 7 милиони евра, покажуваат најновите квартални податоци на Министерството за финансии.

Заклучно со јуни годинава, општините имаат доспеани, а неподмирени обврски во вкупен износ од над 93 милиони евра; истиот период лани оваа бројка изнесувала над 64 милиони евра.

На врвот на листата на општински должници се најде Гостивар — во нивната каса заклучно со јуни се евидентирани доспеани, но неизмирени обврски од скоро 15 милиони евра. Веднаш зад нив е Тетово со нешто помал долг.

Кој ги носи најголемите обврски

Долгот расте и кај општинските јавни претпријатија: заклучно со јуни нивните обврски надминуваат 110 милиони евра. Проблемот се шири и на други јавни и државни институции, кои континуирано акумулираат обврски.

На врвот на списокот должници остануваат железничките претпријатија. МЖ Инфраструктура има најголем долг — над 90 милиони евра, додека МЖ Транспорт има нешто помал износ. Во првата петорка е и најголемиот производител на електрична енергија, ЕСМ, со доспеани, а неплатени обврски од над 33 милиони евра, како и СОЗР на Клинички.

Речиси сите општини, јавни претпријатија, училишта, министерства, па дури и Развојната банка се на долгата листа на должници. Вкупно, заклучно со јуни, јавните институции натрупале долг од скоро 700 милиони евра, а за само три месеци таа бројка пораснала за над 17 милиони евра.

Фискалниот совет порано препорача задолженијата на јавните институции и претпријатија да се вклучат во јавниот долг според методологијата на ЕУ и предупреди дека тогаш јавниот долг би достигнал до 62 отсто од БДП. За време на претходната влада општините добија над 50 милиони евра за покривање на долговите, а се говореше и за приватизација на одредени државни институции. Оваа влада, пак, од кредитот од Унгарија — за кој беше најавувана истрага — им додели на општините 250 милиони евра за капитални проекти, но финансиските проблеми и понатаму остануваат нерешени.

Фото: прес-материјал од настанот

Поврзани написи