Доспеани обврски за комунални услуги 7,63 милијарди денари (124,06 млн €); УКИМ остана без струја
Министерството за финансии: ставката за комунални услуги е втора по големина во структурата на вкупниот доспеан, а неплатен долг од 43,84 милијарди денари.

Ставката во буџетот за комунални услуги, греење, комуникација и транспорт бележи 7,63 милијарди денари, односно 124,06 милиони евра доспеани, а неплатени обврски пријавени од институциите.
Како последица на неплатен долг кон ЕВН, вчера без струја останаа Машинскиот факултет, Електротехничкиот факултет, Природно-математичкиот факултет, Земјоделскиот факултет и зградата на Ректоратот на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ (УКИМ) во Скопје.
Што претставува оваа ставка во вкупниот долг
Според податоците на Министерството за финансии за пријавените обврски, оваа ставка е втора најголема во структурата на вкупниот доспеан, а неплатен долг во државата, кој изнесува 43.841.062.661 денар или 712,86 милиони евра.
Пред неа е само ставката за материјали и ситен инвентар со доспеан долг од 149,90 милиони евра, додека по неа следуваат другите тековни расходи со 81,14 милиони евра и отплатата на главнина кон нерезидентни кредитори со 76,01 милиони евра.
Податоците од Министерството за финансии укажуваат дека неплатените оперативни трошоци сочинуваат значаен дел од вкупниот обем на доспеани и неплатени обврски, со директни последици врз јавните услуги и високото образование кога добавувачите прекинуваат испорака поради неплатени фактури.
Фото: прес-материјал од настанот


