Почетна
Македонија

Дождот не помогна — два пожара се уште активни и комплексни за гаснење, вели Ангелов

ДЗС информира дека има воздушна поддршка и очекува делумна контрола на пожарот кај Грачани до доцна вечерва.

·Македонија
Дождот не помогна — два пожара се уште активни и комплексни за гаснење, вели Ангелов

И покрај врнежите што го зафатија поголемиот дел од земјата, бројот на пожари на отворен простор не се намалува: вчера беа регистрирани најмалку 31 пожар. Стојанче Ангелов, директор на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), во видеоизјава предупреди дека дел од новите пожари се намерно подметнати и апелираше до граѓаните да бидат внимателни.

Ангелов посочи дека во моментов два големи и комплексни пожари остануваат активни. Првиот е кај с. Грачани и Никиштане во општина Ѓорче Петров — пожарот, кој пред три дена навлезе од косовска страна, сѐ уште гори.

Воздушна поддршка и тешка механизација на терен

Од рано утрово скопските пожарникари и тимовите на ДЗС дејствуваат на терен, поддржани од воздух со еден армиски и еден полициски хеликоптер и со два „ертрактори“. „Во овој момент слободно можам да кажам дека двете села, Грачани и Никиштане, не се загрозени од пожарот, иако кај населението постои одредена загриженост. Очекувам до доцна вечерва овој пожар да биде ставен под делумна контрола“, вели Ангелов.

Вториот голем пожар е меѓу Струга и Дебар. Ангелов кажа дека е опфатена голема површина со мешовита шума на тешко пристапен терен. На терен се струшките пожарникари, а во попладневните часови е предвидено дејствување со „ертракторите“ на ДЗС.

Ангелов исто така нагласи дека повторно намерно се запалени пожарите на Китка и на Жеден — еден од пожарите на Китка е во општина Студеничани, а другиот во општина Зелениково. „Минатите денови мака мачевме гаснејќи го големиот пожар кој се одвиваше на Жеден, но некој упорно и упорно повторно подметнува нови пожари од сите страни на планината и од скопска и од тетовска страна“, додава Ангелов. Тој апелираше на веднаш пријавување на сомнително однесување на 112, во најблиската полициска станица или кај кој било полицаец или пожарникар.

Фото: прес-материјал од настанот

Поврзани написи