„Дрогата ќе биде сокриена во товарот со рециклирана хартија": истрага и притвор по акцијата „Вардарис“
Обвинителството тврди дека 324 килограми и 474 грама марихуана биле скриени во балите со рециклирана хартија и поврзува делото со уапсените во Грција во акцијата „Вардарис“.

Предметен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, постапувајќи по кривична пријава од Министерството за внатрешни работи, донесе Наредба за спроведување истражна постапка против едно лице. Според обвинението, постои основано сомнение дека осомничениот сторил кривично дело – "Неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори".
Обвинението наведува дека во периодот од февруари до 14 август 2026 година осомничениот, заедно со тројца лица против кои се води постапка во Република Грција, организирале набавка, држење и пренесување марихуана во вкупна нето-маса од 324 килограми и 474 грама, со цел продажба и пуштање во промет.
Од јавното обвинителство информираат дека крајот на февруари осомничениот набавил товарно моторно возило, а на почетокот на март приколка, по што организирал наводен превоз на пресувана рециклирана хартија од Република Северна Македонија кон Република Турција преку Република Бугарија. По извршените царински формалности, на 8 март 2026 година товарното возило и приколката ја напуштиле македонската територија во правец кон Република Бугарија, но возилото е однесено во Република Грција и оставено на изнајмен затворен плац во Солун.
Дрогата сокриена во балите со рециклирана хартија
Во Солун, осомничениот се сретнал со двајца од лицата за кои се води постапка во Грција — еден од нив засега е недостапен за органите на прогонот — и договорил понатамошен транспорт по сокривањето на наркотикот во товарот. По набавката на марихуаната, двaјца од осомничените, заедно со непознати лица, во периодот од 11 до 14 август 2026 година ја сместиле дрогата во претходно направени отвори во балите со рециклирана хартија.
На 14 август 2026 година, во рамките на акцијата „Вардарис“, полициски службеници во Република Грција лишиле од слобода двајца од осомничените и вршеле преглед на изнајмениот плац. Таму била пронајдена приколката, од која претходно биле отстранети регистарските ознаки. Наркотикот во наведениот квантиетет бил пронајден во четири палети сместени во задниот дел од приколката и во уште четири палети пред нив.
Јавниот обвинител оцени дека доколку осомничениот остане на слобода постои опасност од бегство, попречување на постапката преку влијание врз соучесници и сведоци или повторување на делото. До судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје е доставен предлог за определување мерка притвор; судијата го прифати предлогот и со решение од 15 август 2026 година му определи притвор во траење од 30 дена на осомничениот.
Фото: прес-материјал од настанот