Дрон со експлозив до аеродромот во Лајпциг ја откри слабоста на германската одбрана
Инцидентот на аеродромот Лајпциг/Хале на 14.08.2026 го откри недостатокот на сензори, поделбата на надлежности и техничките празнини во германската одбрана од дронови.

Дрон натоварен со експлозив непречено стигна до аеродромот Лајпциг/Хале на 14.08.2026 и остана незабележан неколку часа, што повторно ја става во фокус слабоста на германската одбрана од беспилотни летала.
Аеродромот е и логистички центар за товарни летови со воена опрема, вклучително и „Антонов“ од Тајанските полети кон Украина. Сојузното обвинителство ја презеде истрагата додека министерот за внатрешни работи Александeр Добринт (ЦСУ) зборува за „хибридно сценарио на напад“ и ги испитува сомнежите за вмешаност на странски сили поради блискоста на дронот до украинскиот транспортен авион.
Проблеми во детекцијата и растечки број пријави
Инцидентот е дел од поширок образец: Во 2025 година Сојузната криминалистичка служба (БКА) евидентирала повеќе од 1.000 сомнителни летови со дронови. Минатиот октомври дронови го парализираа воздушниот сообраќај во Минхен со часови и многу патници беа блокирани.
Експертот за безбедност Нико Ланге предупредува дека заштитата на аеродромите не е доволна: „Не располагаме со потребните сензорски мрежи и сензорски појаси за да ги откриеме сите видови дронови, особено оние што летаат ниско и со мала брзина“, вели тој. Претседателот на европската стручна асоцијација за беспилотна авијација УАВ ДАЧ, Гералд Висел, коментира дека „Фактот дека еден дрон очигледно можел незабележано да стигне до аеродромската платформа и таму да биде откриен речиси случајно, покажува каде е суштината на проблемот.”
Во декември министерот за внатрешни работи го основаше „Заедничкиот центар за одбрана од дронови" (ГДАЗ) во Берлин, каде деноноќно се собираат информации од Сојузната полиција, покраинските полици и разузнавачките служби, како и од Бундесверот. Сепак, случајот Лајпциг покажува дека нов центар не може да ги надомести пропустите ако опасен дрон не е откриен навреме.
Поделбата на надлежностите дополнително го отежнува одговорот: кога ќе полета дрон, надлежна е покраинската полиција — Германија има 16 полициски служби во 16 сојузни покраини. Сојузната полиција може да интервенира само кога дронот е над голем меѓународен аеродром или над железничка инфраструктура. Политичарката од Зелените, Ирене Михалиќ, која е обучен полицаец, предупреди: „Хаосот во распределбата на надлежностите за одбрана од дронови претставува сериозна закана за нашата внатрешна безбедност“. И тие и другите експерти бараат појасни и централизирани надлежности.
Во техничката опременост се гледаат дополнителни слабости. Портпаролот на Работната група за критична инфраструктура, Мануел Атог, вели дека „На аеродромите нашироко се најавуваше поставување системи за одбрана од дронови. Во реалноста тоа се претежно системи за детекција. Досега не спречиле ниту еден дрон, а на некои аеродроми сè уште воопшто не се поставени“. И Полицискиот синдикат (ГдП) укажа на недостаток на ресурси: „Небезбедни железнички станици, небезбедни аеродроми и полиција која во голем обем мора да моли за средства, законски решенија и најсовремена одбранбена технологија навистина се шокантна појава“, изјави Јохен Копелке.
Портпаролка на Сојузното министерство за внатрешни работи наведува дека големите германски аеродроми постепено се опремуваат и дека Сојузната полиција веќе набавила значителен дел од потребната опрема. Приоритетни се осумте големи аеродроми: Франкфурт на Мајна, Минхен, Берлин, Диселдорф, Хамбург, Келн/Бон, Штутгарт и Лајпциг/Хале; според плановите, до крајот на годината овие аеродроми треба да располагаат со мобилна технологија за одбрана од дронови. Во декември 2025 година Сојузната полиција доби специјална единица за одбрана од дронови, чијброј првично беше предвиден на 130 работни места на четири локации, со цел да порасне на 300 припадници на осум локации. Во март во Законот за безбедност во воздушниот сообраќај беше внесена измена со која на Бундесверот му се дозволува да соборува дронови и надвор од сопствените објекти ако на тој начин може да се спречи „особено тешка несреќа“, иако Министерството за одбрана предупредува дека внатрешната безбедност останува надлежност на полицијата.
Фото: прес-материјал од настанот