Дроновите да се приземјат веднаш при појава на полициски хеликоптер — предупредува МВР
Министерството апелира до сопствениците и операторите да ги почитуваат правилата и да ги приземјуваат дроновите кога полициски хеликоптер е во близина.

Министерството за внатрешни работи апелира до граѓаните, а особено до сопствениците и операторите на дронови, доследно да ги почитуваат правилата за безбедно користење на воздушниот простор и веднаш да ги приземјуваат уредите доколку во близина се појави полициски хеликоптер.
"-Поради природата и итноста на задачите, местото, времето и маршрутата на движење на полициските хеликоптери не секогаш можат однапред да бидат предвидени, особено при интервенции поврзани со пожари и други итни настани – се вели во денешното соопштение."
Министерството посочува дека лицата кои не ги исполнуваат законските услови за управување со беспилотни воздухоплови — дронови, односно немаат соодветни одобренија, регистрации или сертификати кога тие се задолжителни, не треба да вршат операции спротивно на важечките прописи. Операторите кои ги исполнуваат пропишаните услови се должни да ги спроведуваат летовите исклучиво во согласност со воздухопловните правила, ограничувањата на воздушниот простор и условите утврдени од надлежните воздухопловни органи, вклучително и потребните најави и координација со службите за контрола на летањето кога тоа е пропишано.
"-Во ниту еден случај не смее да се управува со дрон во насока кон хеликоптер, да се приближува до него, да се следи неговото движење или да се снима од непосредна близина, истакнуваат од МВР."
МВР посочува дека присуството на дрон во зоната во која дејствува хеликоптер претставува сериозна опасност за безбедноста на летот. Судирот на дрон со хеликоптер може да предизвика сериозно оштетување, губење на контрола над воздухопловот и директно загрозување на животот на екипажот, како и на лицата и имотот на земја. "-Ризикот е дополнително зголемен при операции за гасење пожари, кога хеликоптерите летаат на мали височини, во услови на чад, намалена видливост, турбуленција и високо работно оптоварување на екипажот, при што навремено забележување и избегнување на мал беспилотен воздухоплов – дрон може да биде исклучително тешко, велат од МВР."
Министерството најавува дека ќе преземе соодветни мерки за утврдување на идентитетот и одговорноста на лицата кои со незаконско или небезбедно управување со беспилотни воздухоплови ја загрозуваат безбедноста на воздушниот сообраќај и полициските воздухоплови. За непочитување на законските обврски и за дејствија со кои се создава опасност за воздухоплов, екипаж или други лица, ќе се преземат прекршочни и, кога се исполнети законските обележја, кривични мерки согласно важечките прописи. Надлежните служби веќе постапуваат по слични евидентирани случаи во рамките на своите законски овластувања.
Фото: прес-материјал од настанот