Државата ги гради комерцијалните станови во Охрид — договор вреден 3,85 милиони евра
АДИССДП склучи договор со ЦЕАЦОН за изградба на објект на парцела 7.10 во Блок 8.2, вреден околу 3,85 милиони евра со ДДВ.

Државното Акционерско друштво за изградба и стопанисување со станбен и деловен простор (АДИССДП) склучи договор за изградба на комерцијален објект во Охрид со тетовската компанија ЦЕАЦОН, вреден околу 3,85 милиони евра со ДДВ. Предвидениот рок за изведба е 18 месеци од денот на воведувањето на изведувачот на градилиште.
Објектот е предвиден на Блок 8.2, градежна парцела 7.10. Според објавените документи на АДИССДП, ориентационната бруто-површина на зградава е 8.108 квадратни метри, што по договорената вредност изнесува околу 475 евра со ДДВ за бруто-квадрат.
Како се распределени трошоците
Најголемиот дел од договорените 3,85 милиони евра оди за самата градба — околу 3,24 милиони евра за градежни и градежно-занаетчиски работи. Електротехничките работи се проценети на околу 264.500 евра, водоводот и канализацијата на околу 203.300 евра, а машинските и термотехничките инсталации на околу 122.300 евра. За заштитна јама се предвидени околу 18.000 евра, а за сообраќајни работи околу 2.800 евра. Сите наведени суми се со пресметан ДДВ.
Пресметката од 475 евра се однесува на бруто-површината на целата зграда, која вклучува и ходниците, скалиштата и заедничките простории — оттука цената по продажен квадрат ќе биде повисока. Точната продажна квадратура сè уште не е објавена, па во оваа фаза не може прецизно да се пресмета ниту очекуваниот приход од продажба.
АДИССДП предвидува две комерцијални згради во Охрид со вкупно 130 станбени единици. Во јули минатата година директорот Марјан Стефановски соопшти дека постапката за едниот објект е во тек, а за вториот ќе следува дополнителна постапка.
Според комерцијалниот модел на друштвото, по завршувањето становите ќе бидат понудени на продажба преку јавно наддавање. За споредба, во државната зграда кај „Даре Џамбаз“ во Скопје, која има 112 станови, почетната цена била 1.450 евра за квадрат, а на јавните наддавања постигнатите цени биле околу 1.600 до 1.916 евра за квадрат и сите станови биле продадени. Конечната продажна цена за охридскиот објект ќе покаже дали проектот ќе донесе профит.
Дополнително внимание предизвика сопственичката структура на изведувачот. Јавно достапни бизнис-податоци покажуваат дека ЦЕАЦОН има 35 проценти сопственички удел во „АНИ-ЕНЕРГЕТИК“ од Тетово, каде што Нури Беџети е управител и има 59 проценти сопственички удел; таа структура е евидентирана од септември 2023 година. Името Нури Беџети се наоѓа на американската санкциска листа во рамките на санкциите поврзани со Западен Балкан.
Фото: прес-материјал од настанот