ДУИ бара одговорност од Биљал Касами оти на 8 Септември во Тетово било поставено знамето од Вергина, а изоставено албанското
Интегративците велат дека отсуството на албанското знаме на 8 Септември и поставувањето на Вергина бараат проверка и одговорност.

Демократската унија за интеграција (ДУИ) побара институционална одговорност од тетовскиот градоначалник и копретседател на Влен, Биљал Касами, откако, како што посочуваат од партијата, на 8 Септември во центарот на Тетово било поставено знамето со сонцето од Вергина, а албанското национално знаме било изоставено при одбележувањето на Денот на независноста.
Интегративците сметаат дека станува збор за порака, а не протокол
ДУИ во соопштението наведува дека ова не е техничко прашање, туку јасен показател за односот на властите кон албанскиот национален симбол. Партијата додава дека Влен во изборната програма ветувала рамноправна употреба на албанското знаме, химна и грб со македонските симболи, но откако влезе во власта, тие ветувања, според ДУИ, биле заборавени.
„Најпрвин, Максим Димитриевски ја забрани употребата на албанското национално знаме во нивната канцеларија, потоа видовме министри кои го избегнуваа на официјалните слики, додека за време на локалната изборна кампања албанското знаме недостасуваше токму таму каде што требаше да биде највидливо. Сега, на државен празник, кога неговата употреба е предвидена со закон, албанското знаме повторно е изоставено“, стои во соопштението.
ДУИ го критикува и поставувањето на знамето со сонцето од Вергина во центарот на Тетово, нагласувајќи дека тој симбол не е официјален државен симбол и дека негова употреба на државна церемонија е во спротивност со Преспанскиот договор.
„Значи, за оние кои ветуваа рамноправност на националните симболи, албанското знаме нема место, додека еден неинституционализиран симбол има место на државна церемонија. Ова зборува повеќе од која било изјава за нивната (на Влен) денешна политика“, порачуваат од ДУИ.
Од партијата бараат надлежните органи да ја проверат законската основа за поставувањето на знамето на Вергина и да утврдат дали има одговорни лица кои наредиле, одобриле или реализирале тој чин, како и да дадат објаснување зошто албанското знаме било изоставено. ДУИ нагласува дека законите не смеат да се применуваат селективно и дека ветувањата за рамноправност не смее да се користат само за добивање гласови.
Во соопштението ДУИ предупредува дека Касами може да прави политички компромиси за да ја задржи функцијата, но, како што велат, не може да го продава достоинството и националниот симбол на Албанците. ДУИ додава дека 35-годишнината од независноста треба да биде ден на почитување на државата, законот и рамноправноста, а не ден на понижување и негирање на албанскиот симбол.
Фото: Архива


