ДУИ: Дивоградбата на државно земјиште на улицата „Ќемал Сејфула“ повторно се гради, Град Скопје и Чаир молчат
Една година по пријавата и почнатиот истражен процес, работници и механизација се вратиле на локацијата; ДУИ бара итни објаснувања од Општина Чаир и Обвинителството.

ДУИ објавува дека на улицата „Ќемал Сејфула“ во Скопје повторно се изведуваат градежни работи на локација која минатата година беше јавно пријавена како дивоградба на државно земјиште, додека, како што стои во соопштението, Град Скопје и Општина Чаир молчат.
Во мај 2025 година, поранешната градоначалничка на Град Скопје, Данела Арсовска, излезе на терен и јавно објави дека објектот се гради без проект и без одобрение за градба, на само еден метар од постојната станбена зграда, непосредно пред прозорците и балконите на станарите.
По јавната пријава, Обвинителството отвори истражна постапка против инвеститорот. Според тогашното соопштение на Обвинителството, "станува збор за шесткатен станбено-деловен објект, започнат без одобрение за градба и на државно земјиште." Во рамки на истражната постапка беше предложена и забрана за изведување градежни работи.
Работите беа запрени. Но, една година подоцна, работници и градежна механизација повторно се на терен.
ДУИ пишува дека соседните семејства повторно се соочуваат со објект кој им ги затвора прозорците и балконите, додека од Општина Чаир нема ниту објаснување, ниту инспекциски записник, ниту јавно решение за запирање на работите.
Партијата бара Општина Чаир веднаш да испрати инспектори на терен и јавно да соопшти:
- врз основа на која документација се продолжени работите;
- дали постои важечко одобрение за градба;
- што презел општинскиот инспекторат;
- дали сè уште важи забраната за градежни работи предложена во рамки на истражната постапка.
ДУИ исто така бара Обвинителството да ја информира јавноста до каде е истрагата и како е можно продолжување на работите на објект кој Обвинителството го третираше како дивоградба на државно земјиште.
Фото: прес-материјал од настанот