Почетна
Македонија

ДУИ ја обвини директорката на ИЈЗ дека ја забрани употребата на албанскиот во службената комуникација

Партијата тврди дека раководителите добиле пораки дека двојазичните документи нема да се прифаќаат и бара одговорност од Владата.

·Македонија
ДУИ ја обвини директорката на ИЈЗ дека ја забрани употребата на албанскиот во службената комуникација

Демократската унија за интеграција (ДУИ) обвини дека директорката на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), Марија Андоновска, наредила службената комуникација во институтот да се води исклучиво на македонски јазик, што, според партијата, претставува прекршување на Законот за употреба на јазиците.

ДУИ тврди дека раководителите на сектори во ИЈЗ добиле телефонски пораки да ги известат вработените дека двојазичните документи повеќе нема да се прифаќаат и дека за валидни ќе се сметаат само документите на македонски јазик.

Од партијата наведуваат дека ваквите укази ја илустрираат растечката практика во државните институции каде што раководителите самоволино одлучуваат дали албанскиот јазик ќе се користи во службената комуникација.

„Со кое право директорка на државна институција си дозволува да прогласува за неважечки документи што го содржат албанскиот јазик? Кој ѝ дал надлежност да се поставува над законот?“ прашуваат од ДУИ.

Повици за одговорност и институционален надзор

ДУИ го критикува и молкот на претставниците на Влен во Владата, оценувајќи дека нивната неакција претставува не само неспособност туку и охрабрување за функционерите кои го прекршуваат законот.

„Претставниците на Влен, освен што покажуваат неспособност да го заштитат албанскиот јазик, сега стануваат и глуви пред флагрантните прекршувања на законот. Наместо да ги искористат правните и институционалните механизми за да обезбедат негова примена, тие го избраа молкот и рамнодушноста,“ стои во соопштението.

Партијата посочува дека инцидентот се случува само неколку дена по објавувањето на извештајот на Европската комисија во кој, меѓу другото, се укажува на проблеми со почитувањето на јазичните права. „Наместо овој извештај да послужи како аларм за Владата, сведоци сме на спротивното: функционери што се однесуваат како да стојат над законот и политички претставници што молчат пред нив,“ додаваат од ДУИ.

Во заклучок, ДУИ ја повика Владата темелно да ги преиспита постапките на надлежните функционери и побара конкретна одговорност, како и итна интервенција од Инспекторатот за употреба на јазиците.

„Бараме конкретна одговорност за непочитувањето на Законот за употреба на јазиците. И конечно, време е Инспекторатот за употреба на јазиците да излезе од своето засолниште на срамот и да почне да ја извршува должноста за која е основан,“ порачаа од партијата. „Законот за употреба на јазиците не е прашање на желба, ниту предмет на политичко пазарење. Никој нема мандат да се поставува над законот и никој нема право да го прогласува албанскиот јазик за неважечки во институциите на оваа држава.“

Фото: прес-материјал од настанот

Поврзани написи