ДУИ: Политичка наредба да се заврши Коридорот 10Д пред изборите, трпи Коридорот 8
ДУИ тврди дека механизацијата и работната сила се префрлени кон Прилеп–Битола (Коридор 10Д), а побара итна транспарентност за распределбата на ресурси.

ДУИ обвинува дека власта го менува приоритетот во градежните активности и дека ресурсите се насочуваат кон делницата Прилеп–Битола, позната како Коридор 10Д, на штета на Коридорот 8.
Според партијата, механизацијата и работната сила од американско‑турскиот конзорциум Бехтел и Енка се префрлени така што во моментов се работи во сооднос речиси 4 спрема 1 во полза на Коридорот 10Д. ДУИ тврди дека зад тоа стои политичка наредба проектот 10Д да се заврши до следните избори.
Партијата бара итна и целосна транспарентност
„Денес Владата практично го менува приоритетот на проектот. Причината? Политичка наредба Коридорот 10Д да биде завршен до следните избори напролет, за власта да го користи како изборен проект. Ако ова се потврди, станува збор за тежок скандал: пари, работници и механизација од државен проект од милијарди евра се насочуваат според изборниот календар на владеачките партии. Но, прашањето е уште посериозно. Коридорот 8 е стратешки коридор на НАТО, дел од источнозападното поврзување од Јадранот кон Црното Море и југоисточното крило на Алијансата“, велат од партијата.
ДУИ предупредува дека намерно задржување на Коридорот 8 има последици надвор од домашната политика и бара јасни одговори за одлуките кои ја определиле распределбата на работниците и механизмите.
„Дали станува збор само за изборна злоупотреба на проект од милијарди евра, или некој намерно го забавува стратешкиот коридор на НАТО? Кој има корист од слабеењето на Коридорот 8? Во време кога Русија има директен интерес инфраструктурата на НАТО во регионот да се развива што е можно побавно, секоја политичка одлука што го кочи овој проект мора да биде разгледана со максимална сериозност. Бараме итна и целосна транспарентност: колку работници, колку механизација и колку средства во моментов се ангажирани на Коридорот 10Д, а колку на Коридорот 8? Кој ја донел одлуката за ваквиот сооднос и врз која основа? Овие одговори не смеат да се кријат до после изборите“, велат од партијата на Али Ахмети.
Фото: прес-материјал од настанот