ДУИ: Владин спот за 35 години независност ја исклучува албанската приказна и ги брише клучните историски датуми
ДУИ тврди дека владиниот спот ја игнорира Охридската рамка, членството во НАТО и почетокот на преговорите со ЕУ, и прикажува единственетна етничка нарација.

Владата објави спот со кој треба да се одбележат 35 години од независноста на државата. Опозициската партија ДУИ реагира дека видеото прикажува единствена етничка верзија на историјата и ги исклучува Албанците од приказната за последните децении.
Од ДУИ посочуваат дека спотот е само на македонски јазик и дека уметниците кои се појавуваат се Македонци. Партијата наведува и дека една од централните фигури во спотот е Игор Дурловски, име директно поврзано со настаните од 27 април 2017 година, кога толпа насилно влезе во Собранието по изборот на првиот Албанец за претседател на Собранието.
Кои историски точки се изоставени
ДУИ изразува поголема загриженост поради тоа што, според нив, владиниот спот намерно го прескокнал Охридскиот мировен договор — документот што стави крај на војната во 2001 година и ги постави темелите на мултиетничкиот карактер на државата. Нема ниту спомнување за членството во НАТО, едно од најголемите стратешки достигнувања на земјата. Исто така, во видеото не е прикажана Првата меѓувладина конференција со Европската Унија и отворањето на процесот на преговори.
Според ДУИ, токму тие моменти ја трансформирале државата „од етнички проект во заедничка држава“, ја закотвиле во НАТО и го отвориле патот кон Европската Унија.
Во завршниот дел од соопштението партијата користи остар тон: "Овој спот, всушност, е најточната фотографија на оваа Влада: Влада на исклучување. Албанците можеби ги има на списокот на министри, но ги нема во приказната на државата. Ги има како имиња и бројки како декор, но не и како присуство, влијание и фактор во носењето одлуки," велат од ДУИ.
Фото: ДУИ