Почетна
Спорт

Дуња Иванова: Спортот и музиката кај мене не се спротивности, туку рамнотежа

Шампионка во маратонски планински велосипедизам и доктор по филозофија — Иванова ја обезбеди директната квалификација за Светското првенство по пласман во Андора и работи за развојот на младите во клубот Енерџи.

·Спорт
Дуња Иванова: Спортот и музиката кај мене не се спротивности, туку рамнотежа

Дуња Иванова го спојува врвниот спорт со академски и музички пат: е шампионка во планинскиот велосипедизам и обезбеди директна квалификација за Светското Маратон првенство по пласманот во третата рунда од HERO UCI Marathon World Cup во Андора, а паралелно е и доктор на науки по филозофија, автор и наставничка по пијано.

„Андора беше едно исклучително искуство“

Иванова го опиша натпреварот во Андора како посебен физички предизвик: „Андора беше едно исклучително искуство, особено затоа што првпат се соочував со натпревар на толкава надморска висина. Стартот беше на околу 1650 метри, а патеката се искачуваше до 2300 метри, што само по себе претставува сериозен физиолошки предизвик. Недостигот на соодветна адаптација на реткиот воздух беше еден од најголемите предизвици. Телото едноставно реагира поинаку на таа висина и секој напор се чувствува посилно. Патеката беше сериозна, со стрмни технички искачувања, карпести делови и брзи немилосрдни спустови. Во тие услови нема простор за грешка и секој момент бара целосна концентрација, вештина и беспрекорна изведба. Андора е место што истовремено те тестира и те инспирира, а пласманот меѓу првите 20 на Светскиот куп ни обезбеди и директна квалификација за престојното Светско првенство во Италија. Овој резултат е доказ дека конзистентноста, дисциплината и посветеноста на луѓето кои се дел од мојот тим се еднакво важни како и личниот труд. Без нив, ниту еден врв не би бил достижен“.

Таа вели дека мотивацијата за спортот не е една точка туку процес кој постојано се надградува: инспирацијата ја црпи од самиот процес — од напорот, од природата и од моментите кога треба инстинктивно и прецизно да се реагира. За неа адреналинот е последица, потсетник дека си жив и дека ги тераш сопствените граници.

Иванова ја почна натпреварувачката кариера пред шест години кога стана дел од велосипедскиот клуб Енерџи. „Со велосипедот сум поврзана од најраното детство, но тогаш тој беше симбол на слобода и истражување. Натпреварувачкиот пат започна пред шест години, кога станав дел од велосипедскиот клуб Енерџи. Таму започна вистинското разбирање на спортот – неговата структура, сериозност и цел. Од љубопитност, постепено се роди љубов кон процесот, кон патеката и кон постојаното надминување на себе. Поддршката од семејството секако, беше важна уште од самиот почеток. Мајка ми и татко ми ме пораснаа со идејата да не се плашам и да посегнам и по она што изгледа невозможно. Од нив научив дека храброста не е отсуство на страв, туку способност да се движиш напред и покрај него. Тоа е вредност што ме следи и денес во секој мој подвиг. Татко ми, како спортист со својот пример остави длабока трага и сè што тој направи за спортот, со неговата храброст и посветеност неминовно ме обликуваа. На некој начин, природно го наследив тој пат, не затоа што мораше, туку затоа што е несомено исправно“.

Реакциите од околината, вели Иванова, се силно позитивни и многу значајни: „Реакциите од околината се силно позитивни и за мене многу значајни. Но најголемата вредност не е само во поддршката, туку во моментите кога мојата приказна инспирира некој друг да направи позитивна промена во својот живот“.

Од резултатска перспектива таа ги истакнува меѓународните пласмани, квалификацијата за Светското Маратон првенство и историскиот ранкинг на светската УЦИ листа кој го смести македонското знаме на првата страница меѓу најдобрите триесетина женски натпреварувачки. Но нејзината амбиција оди подалеку — таа сака да создаде систем и јасен пат за следните генерации кои ќе влезат во овој спорт.

Иванова не се доживува како роден победник туку како борец кој со труд и конзистентност ги изработил своите успеси. За крај, таа ја сумира синергијата меѓу уметноста и спортот: „Музиката и спортот кај мене не се спротивности, туку рамнотежа. Едниот внесува смиреност и внатрешен ритам, другиот динамика и предизвик. Заедно создаваат целина во која нема заситување, туку постојано обновување“.

Фото: Архива Дуња Иванова

Поврзани написи