Дваесетина пожари на отворен простор; огнот во Струга е под контрола
Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување Стојанче Ангелов: повеќето пожари се изгаснати, а водата во Гостивар сè уште не е за пиење.

Денеска се пријавени околу дваесетина пожари на отворен простор, најголем дел од нив веќе се изгаснати, а останатите се ставени под контрола и се очекува да бидат целосно изгаснати во текот на денот, соопшти директорот на Дирекцијата за заштита и спасување.
Стојанче Ангелов истакна дека екипите продолжуваат со надзор и гаснење на жариштата и дека за денешниот ден не биле ангажирани воздушни средства за гаснење.
За највидливиот пожар тој појасни: "Пожар којшто беше видлив од подалеку и предизвика одредена вознемиреност кај граѓаните е пожарот на територија на Општина Струга. Конкретно, имавме два пожари на отворен простор – едниот е целосно изгаснат, а вториот е ставен под целосна контрола. Очекувам набргу и тој да биде изгаснат. Во текот на денешниот ден немаше побарувања за ангажман на ер тракторите", изјави Ангелов.
Водата во Гостивар сè уште не е за пиење
Ангелов рече дека состојбата со водата во Гостивар не се променила — во некои од примероците земени од Институтот за јавно здравје сè уште се присутни бактерии, поради што водата не е за пиење.
Тој додаде: "Водата и понатаму е дозволена само за техничка употреба, но набргу очекуваме да биде прогласена за исправна. Хиперхлорирањето продолжува понатаму", рече Ангелов.
Локалните служби ги повикаа граѓаните да ги следат официјалните известувања и да не користат вода за пиење додека не биде соопштено спротивното.
Фото: Слободен печат