Почетна
Македонија

Двајца странски експерти ќе бидат дел од комисијата за надзор во случајот со парализираната родилка, вели Клековски

Клековски: поканивме двајца странски експерти за да се подигне нивото на третманот и довербата; заклучокот се очекува до крајот на месецот.

·Македонија
Двајца странски експерти ќе бидат дел од комисијата за надзор во случајот со парализираната родилка, вели Клековски

Министерот за здравство ја формираше комисијата за стручен надзор која треба да ги испита сите околности околу случајот на младата родилка што остана парализирана по вториот царски рез; во работата на тимот ќе учествуваат и двајца странски експерти, информира Сашо Клековски.

Клековски нагласи дека крајниот извештај за тоа дали постои лекарска грешка се очекува до крајот на овој месец, но рокот ќе зависи од достапноста на ангажираните експерти.

„Јас ја формирав комисијата за стручен надзор. Можам да кажам, заради подигање на нивото на третман на работата и градење доверба во институциите, поканив двајца странски стручњаци да се вклучат во редовната работа. Ним им се испратени сите наоди од Државниот санитарен и здравствен инспекторат“, рече Клековски.

Состав и работна процедура

Претседател на комисијата е гинеколог, а меѓу членовите се анестезиолог од Белград, невролог од Љубљана, неврохирург од болницата „Свети Еразмо“ во Охрид и радиолог од Скопје. Според министерот, предвиден е онлајн-состанок на кој експертите ќе кажат дали им се потребни дополнителни документи, по што следува и друга средба — по можност со присуство на пациентката — на која ќе се донесе конечниот заклучок.

ДСЗИ до сега не регистрирал пропусти во медицинската документација, но побарал дополнителни појаснувања за две свое-волни напуштања на болницата од страна на пациентката. Документите за тие напуштања се комплетирани и ставени на увид на стручниот надзор.

Случајот предизвика загриженост откако 19-годишна девојка од Струмица, по породување со царски рез со аплицирана спинална анестезија, наместо да закрепне целосно ја загубила подвижноста во нозете и развила параплегија. Семејството јавно го обвини здравствениот персонал за лекарска грешка. Пациентката првично беше префрлена во Клиничката болница во Штип, а потоа во Универзитетската клиника за неврологија во Скопје за дополнителни испитувања; раководството на штипската болница најави сопствена стручна евалуација и тврди дека при нивните прегледи не биле забележани хируршки пропусти.

Претходно, Државниот санитарен и здравствен инспекторат изврши вонредни инспекциски надзори во трите институции каде што се лекувала пациентката: Општата болница во Струмица, Клиничката болница во Штип и Универзитетската клиника за неврологија во Скопје. Инспекторите направиле увид во здравствената евиденција и медицинската документација и земале изјави од вклучените здравствени работници.

Фото: прес-материјал од настанот

Поврзани написи