Двајца странски планинари евакуирани од Шара по координирана акција со косовските служби
Планинарите се засолниле во објект близу границата; од македонска страна пристапот би траел околу шест часа, а воздухопловниот пристап беше оневозможен.

Двајца странски државјани беа безбедно евакуирани од подрачјето околу врвот Пирибег на Шара по координирана акција помеѓу Центарот за управување со кризи и косовските екипи за пребарување и спасување, соопшти ЦУК.
Планинарите се засолниле во планинарски објект во близина на границата со Косово откако ги зафатиле неповолните временски услови додека се качувале кон Пирибег. Од македонска страна пристапот, според ЦУК, е единствено пеш и поради временските услови би бил потребен околу шест часа, додека хеликоптерскиот пристап бил оневозможен поради дожд и магла. Затоа била побарана помош од косовската служба за пребарување и спасување во планина.
Кратка хронологија на акцијата
„Во 11:45 часот, Дежурниот оперативен центар при ЦУК воспостави директна комуникација со едно од лицата преку телефонски разговор и СМС-порака, при што беше информирано дека екипа од Косово ќе пристигне за нивно безбедно извлекување. Според информацијата добиена во 14:21 часот од косовската служба за пребарување и спасување во планина, нивните екипи биле во постојана комуникација со лицата. Потврдено е дека двајцата странски државјани се во добра здравствена состојба.Во 16:50 часот, Центарот за управување со кризи доби информација двете исчезнати лица се пронајдени во добра здравствена состојба“, соопшти ЦУК.
Во соопштението дополнително се вели дека спасувачкиот тим од Косово го реализирал нивното безбедно спуштање и евакуација до асфалтниот пат на косовската страна, каде претходно биле стационирани полициски екипи и екипа на служба за итна медицинска помош со амбулантно возило за да обезбедат соодветна медицинска помош и згрижување. Изчезнатите лица биле преземени од надлежните служби на Косово.
Не се пријавени повреди, а ЦУК потврди дека двајцата планинари се во добра состојба по евакуацијата.
Фото: Архивска фотографија /


