Почетна
Политика

Две докторки од битолската болница го напуштија Независниот синдикат

Докторките велат дека се згрозени од, како што наведуваат, невистините за наводни притисоци од страна на директорката на битолската клиника.

·Политика
Две докторки од битолската болница го напуштија Независниот синдикат

Две докторки од Клиничката болница во Битола известија дека ја напуштаат членството во Независниот медицински синдикат и со тоа го оспорија објавеното тврдење дека директорката на установата вршела притисоци врз вработените кои ја тужеле болницата за неисплатена прекувремена работа.

Допишот, напишан на меморандум хартија на болницата и испратен од службената електронска адреса до Телма, не прецизира дали самите докторки поднеле тужби, дали побарувањата им се исплатени или дали е постигнато спогодбено решение. Исто така не е објаснето зошто токму тие реагираа јавнo, со оглед што за тужбите известуваат повеќе вработени, без да се наведуваат имиња.

Во дописот стои: „Во врска со обвинувањата објавени на Телевизија Телма за наводни притисоци од страна на директорката на болницата за исплата на заостанати долгови од пред неколку години, најодговорно ги отфрламе ваквите наводи. Згрозени сме од изложените невистини и како резултат на истото демонстративно го напуштаме членството во Независниот синдикат“.

Реакции од директорката, министерот и синдикатите

Директорката Ненси Лозанче завчера ги отфрли обвинувањата, изјавувајќи дека само ги замолила вработените да прифатат исплата на рати, без откажување од камати, и дека не вршела притисоци. Болницата повтори дека нема основи за обвинувањата.

Министерот Клековски ги оцени масовните тужби во здравствениот сектор како „уиграна шема“ во која, според него, се вклучени синдикати, адвокати и вештаци. На тоа реагираше Сојузот на независни синдикати „5та СИЛА“.

Претседателот Мартин Ефремов реагираше дека „Нема ништо чудно во тоа што независните синдикати ангажираат вештаци и адвокати за вработените да си ги остварат своите права од работен однос. Единствениот начин за решавање на проблемот со судските постапки е правилната исплата на додатоците и надоместоците, како и одговорност за лицата кои ги кршеле законите и колективните договори“. Адвокатската комора изрази загриженост поради квалификациите на министерот и нагласи дека бројот на тужби не е по себе доволен за сомнеж во професионалниот интегритет на адвокатите, бидејќи судот одлучува по секое барање врз основа на факти и докази.

Фото: прес-материјал од настанот

Поврзани написи