Почетна
Магазин

Дводневна програма за деца во Скопје Сити Мол: размена, поправки и „Буба Бу“

На 28 и 29 ноември Скопје Сити Мол и Синеплекс организираат размена и поправка на играчки, работилници и проекција на „Буба Бу“.

·Магазин
Дводневна програма за деца во Скопје Сити Мол: размена, поправки и „Буба Бу“

Скопје Сити Мол и Синеплекс организираат двoдневна програма за деца на 28 и 29 ноември, која ќе ги спои размена и поправка на играчки, креативни работилници и проекција на македонскиот едукативен канал „Буба Бу“. Настаните се дел од платформата „Заедно знаеме повеќе“ и се насочени кон одржливи навики, креативност и рано детско учење.

Размена, поправка и практична едукација

По повод Европската недела за намалување на отпадот, пред киното Синеплекс на 28 и 29 ноември од 11 до 16 часот ќе се одржува размена на детски играчки. Децата ќе можат да донесат играчка која повеќе не ја користат, да изберат друга од изложените и да ја понесат дома, со цел да се поттикне повторната употреба и продолжување на животниот век на предметите.

На истата локација, во двата дена од 11 до 14 часот, Скопје Сити Мол во соработка со АРНО и центарот за поправки „Ништо ново“ ќе организира работилница за поправка на меки играчки и кукли. Децата и родителите ќе можат да донесат омилена играчка на која ѝ е потребна поправка и, со помош на менторката Оливија Георгиевска, да ѝ дадат нов живот преку рачно шиење, замена на оштетени делови, дополнување полнило и употреба на повторно искористени материјали.

„Преку овие активности сакаме да поттикнеме навики за повторна употреба, поправка наместо фрлање, одговорен однос кон ресурсите и креативно учење. Веруваме дека ваквите навики се градат од најрана возраст, а соработката со организации и поединци кои активно работат во овие области ни овозможува да создадеме содржини со вистинска вредност за заедницата. Токму тоа е идејата на платформата „Заедно знаеме повеќе“ – преку заеднички активности да отвориме простор за нови знаења, искуства и позитивни промени“, велат организаторите.

Во недела, на 29 ноември, од 12 часот во киното Синеплекс ќе биде претставен македонскиот едукативен детски канал „Буба Бу“. Креаторите и извршни продуценти Софија и Јаков Спасов, заедно со креаторот и експерт за ранен детски развој Драган Даскаловски, ќе зборуваат за создавањето на каналот, развојно соодветната содржина и важноста на внимателниот избор на екрански содржини за најмалите.

По претставувањето ќе следува проекција на новата епизода „Буба Бу во Сонот на игрите“, наменета за деца од 3 до 5 години. По проекцијата, најмалите ќе имаат можност да се запознаат и да се дружат со Буба, ликот што го толкува актерката Талија Настова.

Програмата во недела продолжува и со креативната работилница „Мозаик – мали зрна, големи уметнички дела“, наменета за деца од 6 години и постари. Работилницата ќе се одржи во 11 и 12:30 часот на вториот кат, под менторство на ликовната уметница и театарска костимографка Ивана Каранфиловска Угуровска, каде што децата ќе создаваат мозаици од природни зрнести материјали.

Дводневната програма „Заедно знаеме повеќе“ обединува едукативни, креативни и одржливи практики, давајќи им на децата можност да учат и создаваат преку непосредно искуство.

Фото: прес-материјал од настанот

Поврзани написи