ДЗР: Бирото за метрологија има неевидентирани средства и неупотребена мобилна лабораторија
ДЗР утврди пропусти во евиденцијата, доцнење во фактурирањето и неефикасно користење на опрема за испитување горива во 2024 година.

Државниот завод за ревизија во ревизијата на Бирото за метрологија за 2024 година утврди неевидентирани материјални средства и пропуштена можност за проверка на квалитетот на нафтата и нафтените деривати преку мобилна лабораторија, поради што изрази неповолно мислење за вистинитоста и објективноста на финансиските извештаи и за усогласеност со законската регулатива и политики.
Главни наоди од ревизијата
Ревизијата укажа на слабости во спроведувањето на пописот на средствата, побарувањата и обврските со состојба на 31.12.2024 година, поради што не е обезбедено усогласување на сметководствената евиденција со фактичката состојба утврдена со попис. Констатирано е дека дел од средствата во вредност од 145.191 илјади денари, односно околу 2,3 милиони eвра, набавени во претходни години, сè уште не се евидентирани во деловните книги и Билансот на состојба на Бирото поради неизвршено примопредавање со Министерството за економија и труд. Исто така, утврдени се разлики меѓу сметководствената состојба и состојбата утврдена со попис кај основните средства во износ од 5.544 илјади денари.
Во текот на 2024 година Бирото набавило пломби, жигови, жиг-налепници за верификација и записници во вкупен износ од 4.266 илјади денари, од кои 646 илјади денари преку буџетската сметка 631-18 и 3.620 илјади денари преку буџетската сметка 631-13. За овие материјали не е воспоставена сметководствена и материјална евиденција, иако истите се користат при вршењето на услугите за верификација на мерните инструменти и претставуваат основа за остварување на приходи.
Утврдени се и слабости во евидентирањето и наплатата на побарувањата по основ на извршени услуги. Во Билансот на состојба на 31.12.2024 година побарувањата од купувачи се искажани во износ од 40.549 илјади денари, при што кај дел од комитентите се утврдени негативни салда во износ од 11.735 илјади денари, поради што побарувањата не се реално прикажани во финансиските извештаи. Ревизијата укажа дека побарувањата по основ на издадени фактури за услуги за хомологација не се евидентираат навреме: во 2024 година се евидентирани побарувања во вкупен износ од 14.193 илјади денари (од кои 10.034 илјади денари се однесуваат на сметката 631-18, а 4.159 илјади денари на сметката 631-13), од кои 2.322 илјади денари се по фактури издадени во 2023 година, а во 2025 година се евидентирани побарувања во износ од 1.477 илјади денари по фактури издадени во 2024 година.
Од услугите за верификација на мерила, калибрација на еталони и мерила, како и други услуги, Бирото во 2024 година остварило приходи во вкупен износ од 122.400 илјади денари, при што најголемиот дел се однесуваат на услуги за верификација на мерила. Сепак, ревизијата забележа дека од вкупно фактурираните услуги за верификација во 2024 година во износ од 182.966 илјади денари, износ од 82.092 илјади денари, односно околу 1,3 милиони евра, се однесува на услуги по барања поднесени во периодот 2018–2023 година, што укажува на значително доцнење во процесот на фактурирање.
Ревизијата нагласува и неефикасно користење на опремата набавена за испитување на квалитетот на течните горива. Бирото во 2019 година, по одлука на Владата, набавило мобилна лабораторија за испитување на квалитетот на нафта и нафтени деривати во износ од 37.367 илјади денари, а во 2021 година дополнително е набавена опрема во износ од 24.758 илјади денари. И покрај значајната вредност на вложените средства, во текот на 2024 година преку мобилната лабораторија не се вршени анализи, бидејќи не биле доставени барања од надлежниот Државен пазарен инспекторат со кој Бирото имало склучено договор за користење на лабораторијата.
Ревизијата исто така укажа дека Бирото нема воспоставено евиденција за издадени одобренија за тип на производ и за согласности за регистрација кои се издадени од страна на техничката служба и правното лице за технички преглед овластено за постапката за идентификација и/или идентификација и оцена на техничката состојба на возилото — обврска произлезена од Законот за возила — поради тоа што од страна на МВР не е воспоставен регистар на возила за внес и размена на податоци меѓу надлежните институции. Во делот на следење и контрола на приходите, ревизијата утврди недостатоци во контролата на средствата што ги остваруваат овластените правни лица: иако тие имаат обврска да уплатат 20% од вредноста на извршените услуги, не постојат јасни правила за известување, контрола и рокови за уплата. Известувањето до Бирото се врши квартално, а уплатите се реализираат со задоцнување од шест до девет месеци, што создава ризик од ненавремена и нецелосна наплата на приходите.
За надминување на утврдените состојби ревизијата даде повеќе препораки со цел отстранување на причините за наодите и подобрување на евиденцијата, управувањето со средства и наплатата.
Фото: прес-материјал од настанот


