ЕЦБ се очекува да ги зголеми каматните стапки бидејќи војната со Иран поттикнува нови стравувања од инфлација
Порастот на цените на нафтата и напнатоста меѓу САД и Иран ги зголемуваат стравувањата за инфлација, па ЕЦБ може да одговори со зголемување на каматите.

Се очекува Европската централна банка да ја зголеми главната каматна стапка од 2,25 на 2,50 отсто на наредниот состанок на Управниот совет, како одговор на обновените ризици од раст на инфлацијата поради скокот на цените на нафтата поврзан со судирите меѓу САД и Иран.
Серија напади од крајот на август, кои погодија воени, бродски и енергетски цели, ја зголемија волатилноста на енергетските пазари и ја вратија цената на суровата нафта над 100 долари за барел, што ја интензивира загриженоста за поскапување на животните трошоци во еврозоната, која увезува голем дел од горивото.
Економистите предвидуваат дека ЕЦБ ќе одговори со зголемување на каматните стапки и ќе сигнализира подготвеност за дополнително заострување доколку перспективите за инфлацијата не се подобрат. Финансиските пазари, пак, очекуваат уште едно зголемување оваа година и можни дополнителни потези во текот на следната година.
Ограничувања за натамошни заострувања
Некои аналитичари предупредуваат дека покрај ризикот од понатамошна инфлација, постојат и ограничувања за продолжување на циклусот на зголемување на каматите: условите за финансирање веќе се заостриле бидејќи долгорочните приноси на државните обврзници се искачија на нивоа што не се видени од пред глобалната финансиска криза, што одразува загриженост и за инфлацијата и за растот на државниот долг.
„Зголемувањето во септември изгледа речиси извесно. Инфлацијага и натаму е висока и би требало да остане на исто ниво во следните неколку месеци, пред да почне да опаѓа во втората половина од следната година “, рече Алесија Берарди, раководител на глобалната макроекономија во Инвестицискиот институт Амунди. Одлуката ќе биде соопштена по состанокот на Управниот совет во Берлин, каде што претседателката Кристин Лагард и нејзините колеги ќе ја образложат оценката за монетарната политика.
Фото: прес-материјал од настанот


