ЕЦБ: Војната на Блискиот Исток ја закочи потрошувачката во еврозоната
Анализа на ЕЦБ покажува пад на довербата за околу 12 поени и забавување на растот на потрошувачката меѓу февруари и април 2026 година.

Европската централна банка (ЕЦБ) предупредува дека војната на Блискиот Исток нанесува значителен удар врз потрошувачката во еврозоната и дека нови геополитички шокови може повторно да го забават економското закрепнување.
Пад на довербата и забавување на растот
Според анализа на ЕЦБ за периодот од февруари до април 2026 година, индексот на доверба паднал за околу 12 поени — пад со сличен интензитет како по почетокот на војната во Украина.
Растот на номиналната потрошувачка на домаќинствата се намалил: од средината на 2024 година се движел меѓу 3 и 4 проценти годишно, но во април 2026 година паднал на околу 2,5 проценти.
Анализата на ЕЦБ покажува дека најголемиот дел од намалувањето се должи на одложување на купувања кои не се неопходни за секојдневниот живот. Најпогодени се трошоците за луксузна облека, обувки, спортска опрема, патувања и различни услуги поврзани со слободното време и рекреацијата. Домаќинствата со повисоки приходи најмногу ги намалиле одложливите трошоци поради зголемената неизвесност, додека домаќинствата со пониски приходи, кои најголем дел од буџетот го трошат на храна и домување, биле принудени да намалат расходи за трајни добра и посети на ресторани и кафулиња.
Единствената категорија со зголемени трошоци е енергијата, главно поради повисоките цени на горивата и трошоците за транспорт.
ЕЦБ предупредува и на психолошкиот ефект од кризата: во априлската анкета околу 40 проценти од испитаниците изјавиле дека не очекуваат нивните приходи целосно да ја надоместат загубата на куповната моќ предизвикана од инфлацијата. Доколку граѓаните сметаат дека нивниот животен стандард ќе опаѓа, постои ризик да штедат повеќе и да трошат помалку, што дополнително би го ослабило закрепнувањето и би ги успорило стапките на раст во следниот период.
Истовремено, Евростат ја истражува куповната моќ во Европа — во една мерка Македонија и Романија се меѓу подобрите.
Фото: прес-материјал од настанот