Единствениот државен ПЕТ-скенер не работи поради долгогодишно неодржување, велат од Министерството за здравство
Министерството вели дека дефектот е поврзан со циклотрон и со години недоволно одржување; клиниките прават тријажа на пациентите.

ПЕТ-скенерот на Универзитетскиот институт за позитронско-емисиона томографија (УИ ПЕТ), единствениот државен апарат за ваков вид дијагностика, моментално не работи поради технички проблем и долгогодишно неодржување, соопшти Министерството за здравство.
„Моменталниот застој е предизвикан од технички проблем во производството на радиоизотопи, поврзан со циклотронот“, се вели во соопштението. Министерството додава дека овластениот сервисер интензивно работи на отстранување на дефектот и дека се преземаат сите потребни мерки апаратот повторно да биде ставен во функција во најкраток можен рок.
Во соопштението е посочено дека проблемот е последица на долгогодишно занемарување: „Проблемот произлегува од долгогодишно занемарување – во изминатите години не бил доследно следен протоколот за превентивно одржување на дифузионата пумпа, вклучувајќи нејзино редовно чистење и замена на маслото на секои пет години. Оваа состојба е последица на системски пропусти акумулирани низ подолг период, за што актуелното раководство веднаш по констатираната сосотојба презема мерки за надминување на проблемот“, се наведува во текстот.
Тријажа и замени на дијагностика додека трае застојот
Поради прекинот во работата на ПЕТ-дијагностиката, Клиниката за онкологија и радиотерапија и Клиниката за хематологија веќе се информирани да направат тријажа на пациентите и да го користат другото достапно дијагностичко снемање додека апаратот не биде поправен.
Од Левица претходно изјавија дека единствениот државен ПЕТ-апарат, кој е важен за проценка на проширеноста на малигното заболување и ефектот од терапијата, со месеци е надвор од функција. Од партијата тврдат дека пациенти биле враќани повеќепати, а дел од нив биле принудени да бараат услуга во приватни установи или во странство, каде што, според нив, дијагностиката чини околу 1.300 евра.
„Нефункционалниот ПЕТ/КТ е само еден пример за поширокиот хаос со кој онколошките пациенти се соочуваат со години – еднаш нема лек, другпат нема дијагностика, третпат нема термин, а за пациентите од внатрешноста дополнителен товар е и постојаното патување до Скопје. Така, пациентот со рак не се соочува само со тешката болест, туку и со систем кој го тера да се бори за основната здравствена заштита што треба да му биде гарантирана“, рекоа од Левица.
Фото: kallerna / Wikimedia Commons (CC BY-SA 4.0)