Египет го стави македонското здружение „Собир на исламската младина" на списокот на терористички организации
Судот во Каиро означи организација поврзана со Македонија како дел од списокот на терористички субјекти; одлуката опфаќа 35 организации и 36 лица.

Кривичниот суд во Каиро ја вклучи организацијата која во арапската верзија е наведена како "Таджаму ал-Шабаб ал-Ислами" на египетскиот список на терористички субјекти, заедно со уште 34 исламски здруженија, институции и организации поврзани со повеќе европски држави.
Според египетската државна новинска агенција МЕНА, судската одлука е донесена на 10 ноември 2026 година. Решението опфаќа вкупно 35 организации и 36 физички лица, кои се внесени во египетските регистри на терористички субјекти за период од пет години. Одлуката е објавена во број 250, дополнение, на египетскиот службен весник, во рамките на предмет број 11108/2026.
Во англиската верзија на агенцијата МЕНА организацијата е именувана како "Islamic Youth Assembly"; засега нема потврдени податоци за точниот идентитет на здружението во Македонија, неговото седиште или лицата што го претставуваат.
Земји и европски организации на списокот
Меѓу останатите субјекти опфатени со одлуката се Советот на муслиманите во Европа и исламски здруженија од Велика Британија, Франција, Германија, Швајцарија, Италија и Шведска, како и организации од Албанија, Косово, Босна и Херцеговина и други земји. На листата се наоѓаат и Европскиот совет за фетви и истражувања, Европскиот совет на имами и Европскиот институт за хуманистички науки.
Во објавеното соопштение на МЕНА не е дадено поединечно образложение или конкретни докази за поврзаност на македонската организација со терористички активности. Одлуката произведува правни последици според египетското законодавство, а останува нејасно дали македонските надлежни институции биле известени и дали располагаат со податоците наведени во судскиот документ.
Фото: прес-материјал од настанот


