ЕХФ ја потврди кандидатурата: Македонија, Србија и Словенија во трката за ЕП 2034
Македонија е меѓу десет федерации кои испратија писмо на интерес; следува подготовка и поднесување на официјални кандидатури до 1 март 2027 година.

Европската ракометна федерација (ЕХФ) официјално потврди дека Македонија е меѓу десетте национални федерации кои доставиле писмо на интерес за организација на машкото Европско првенство во 2034 година.
Покрај Македонија, за организација пријавиле и Австрија, Хрватска, Данска, Луксембург, Холандија, Србија, Словенија, Шведска и Турција.
ЕХФ соопшти дека рокот за доставување писма на интерес истекол во средата и дека сега следува подготовка на официјалните кандидатури од заинтересираните федерации.
Заедничка кандидатура и претходно искуство
Македонија, Србија и Словенија имаат заедничка кандидатура за ЕП 2034 — намерата беше објавена пред околу еден месец. За Македонија ова е можност по вторпат да биде домаќин на голем европски ракометен собир, откако во 2022 година ја организираше женската ЕХФ EURO заедно со Словенија и Црна Гора.
Машкото ЕП 2034 е предвидено да се игра од 10 до 29 јануари, а турнирот ќе вклучува и четвртфинална фаза, што претставува промена во формата на натпреварувањето. Заинтересираните федерации имаат рок до 1 март 2027 година за поднесување на официјална кандидатура.
Фото: прес-материјал од настанот


