Почетна
Свет

ЕК: Глорификацијата на воени злосторници нема место ниту во ЕУ ниту кај кандидатите

Брисел предупреди дека прославувањето на осудени воени злосторници не е прифатливо за ЕУ ниту за кандидатите за членство.

·Свет
ЕК: Глорификацијата на воени злосторници нема место ниту во ЕУ ниту кај кандидатите

Европската комисија во петокот (28 август) соопшти дека „секое величање на воени злосторници е спротивно на европските вредности и дека за тоа нема место ниту во Европската Унија, ниту кај кандидатите за членство“.

Реакција од Брисел по информации за изјави на црногорски политичари

Изјавата на ЕК е одговор на барање за коментар по објави во медиумите дека неколку црногорски политичари и фунционери од владејачките партии го глорификувале ликот на поранешниот командант на Војската на Република Српска и осуден воен злосторник Ратко Младиќ, кој почина вчера во Хаг.

Од Комисијата потсетиле дека Младиќ издржувал доживотна казна затвор за злосторства против човештвото и за геноцидот во Сребреница, и дека тој бил прогласен за виновен од Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија и осуден на доживотен затвор во 2017 година; таа пресуда била потврдена во жалбената постапка пред Меѓународниот резидуален механизам за кривични судови во 2021 година.

Медиумите како еден од политичарите што изразиле пиетет кон Младиќ го наведуваат претседателот на Собранието на Црна Гора и лидерот на Новa српска демократија (НСД), Андрија Мандиќ. Мандиќ на платформата Икс објави дека му упатил сочувство на Дарко Младиќ „по смртта на неговиот татко, генерал Ратко Младиќ" во свое име и во име на НСД.

Црногорскиот претседател Јаков Милатовиќ реагира дека односот кон семејството на починатиот не смее да служи како оправдување за релативизирање на воените злосторства и нагласи дека Црна Гора мора да ги почитува пресудите на меѓународните судови, јасно да ги осуди воените злосторства, да го заштити достоинството на жртвите и нивните семејства и да отфрли каква било глорификација и релативизација на овие дела.

Министерот за надворешни работи и претседател на Бошњачката партија, Ервин Ибрахимовиќ, напиша на мрежата Икс: „Правно осуден воен злосторник, и жив и мртов, заслужува само презир“, додавајќи дека сè друго е (не)скриена глорификација на криминалците, злосторствата, геноцидот и геноцидните политики. Исто така, потпретседателот на владата од дел од албанските партии, Ник Ѓељошај, го осуди величањето на правосилно осудениот воен злосторник како индикатор за вредностите што ги претставуваат поединците и денес.

Споменатите реакции доаѓаат додека во владината коалиција има најмалку четири министри и еден вицепремиер од Новa српска демократија; движењето „Европа сега“ на премиерот Милојко Спајиќ засега не излегло со став за постапките на дел од политичарите од својата коалиција.

Фото: Архива

Поврзани написи