Почетна
Македонија

„Еко‑свест“: Стоп за незаконското работење во Националниот парк „Маврово“

Еко‑свест бара итно донесување на нов закон и управувачки документи откако откри правен вакуум и подготовка за сеча поврзана со мала хидроцентрала на Рибничка.

·Македонија
„Еко‑свест“: Стоп за незаконското работење во Националниот парк „Маврово“

Еколошката организација „Еко‑свест“ предупредува дека Националниот парк „Маврово“ функционира во правен вакуум бидејќи се руководи со прописи од 1949 година, што, според здружението, е во директна спротивност со целите на Законот за заштита на природата и овозможува нетранспарентно и спорно работење во паркот.

Оттаму посочуваат дека Законот за заштита на природата е јасен: сите активности и интервенции во паркот, а особено сечата на шумите, смеат да се одвиваат исклучиво доколку се предвидени со План за управување и Програма за шумски екосистеми, и тоа во строго дефинирани зони со ограничувања за површината и интензитетот.

„Моменталниот обем на работа во НП ‘Маврово’, вклучително и сечата, се спроведува без овие неопходни стратешки документи, што директно излегува од законскиот основ и е во спротивност со целите на самиот Закон“, реагира здружението.

Подготовки за нова сеча поврзана со мала хидроцентрала

Еко‑свест предупредува дека нема јавен увид во основните акти на паркот – на веб‑страницата не се објавени статут, програми за работа и други основни документи, што укажува на јасно нетранспарентно работење и ја отежнува проверката на законската основа за одлуките.

„Деновиве во паркот се подготвува нова сеча на шума, за потребите на изградба на малата хидро централа на реката Рибничка. За овој проект имаше силна критика од меѓународната стручна јавност и Бернската конвенција, македонските граѓански организации како и локалното население. Овој проект не само што не е во функција на заштита на природните вредности на паркот, тој е во директна штета за управувањето на ова заштитено подрачје!“, изјави Ана Чоловиќ Лешоска од „Еко‑свест“.

Затоа организацијата бара итно репрогласување на паркот, односно итно донесување на нов Закон за прогласување на НП „Маврово“ за заштитено подрачје. „Тоа е единствениот начин да се стави крај на овој правен вакуум, да се прекинат незаконските активности и да се воспостави вистинска заштита на природното богатство.Министерството за животна средина и просторно планирање и Владата не смеат повеќе да го игнорираат овој проблем – репрогласувањето на НП ‘Маврово’ е нивна законска обврска!“, стои во реакцијата.

Репрогласувањето на Маврово за национален парк, според извори блиски до процесот, тапка во место, а раководството на паркот наводно бара намалување на зоната за строга заштита што би ја ограничило идната конзервација.

Фото: прес-материјал од настанот

Поврзани написи