Почетна
Магазин

Електронскиот чешел „Detangle“ врати 97,85% коса кај глувци, но кај луѓе се бараат клинички тестови

Пулсирачко електрично поле и два генетски третмани поттикнаа речиси целосно обновување на влакната, но експертите велат дека тестирање на луѓе е неопходно.

·Магазин
Електронскиот чешел „Detangle“ врати 97,85% коса кај глувци, но кај луѓе се бараат клинички тестови

Научници од Универзитетот Беиханг во Пекинг развиле експериментален електронски чешел наречен „Detangle“ кој при тестирања на глувци покажал исклучително обновување на влакната кога бил комбиниран со два експериментални генетски третмани.

Како е конструиран и како делува

Уредот наликува на поголем пластичен чешел со проѕирна рачка низ која се гледа електронска плочка, а во запците се вградени електроди. Запците се наизменично долги и кратки — дизајн што создава пулсирачко електрично поле кое е два и пол пати посилно отколку кај чешлите со рамномерни запци.

Кратките запци испуштаат два експериментални генетски третмани: првиот го поттикнува растот на крвните садови околу фоликулите, додека вториот го блокира дихидротестостеронот (DHT) — хормон кој предизвикува слабеење и намалување на фоликулите. Пулсирачкото поле привремено ги отвора порите на кожата и им овозможува на активните состојки да допрат девет пати подлабоко до фоликулите во споредба со обичните креми и лосиони.

Во 28‑дневното истражување кај глувци каде со тестостерон бил симулиран машки тип на ќелавост, научниците ги споредиле ефектите од стандардните лекови и од новиот систем: кај глувците кои примале финастерид се обновиле околу 50 отсто од влакната, кај оние што имале миноксидил обновувањето изнесувало околу 70 отсто, додека комбинацијата од чешелот „Detangle“ и двата генетски третмани дала дури 97,85 отсто обновување на влакната.

Резултатите се објавени во списанието Nature Communications, но авторите предупредуваат дека губењето на косата кај луѓето се развива со години и е значително посложено отколку во лабораториските модели. Пред каква било комерцијална употреба ќе бидат потребни ригорозни клинички испитувања за безбедност и ефикасност кај луѓе.

Андрогената алопеција го погодува околу 1,5 милијарди луѓе во светот — дури до 80 отсто од мажите и меѓу 20 и 40 отсто од жените. Постоечките терапии бараат континуирана употреба и можат да носат несакани ефекти, па науката и индустријата постојано бараат побезбедни и попрецизни решенија.

Фото: Liu et al

Поврзани написи