Почетна
Спорт

Енес Уста и ФК Гостивар го загубија спорот пред CAS во Лозана

Судот во Лозана ги одби жалбите и ја потврди одлуката за одземање бодови и санкции по натпреварот 29. коло, 1 МФЛ.

·Спорт
Енес Уста и ФК Гостивар го загубија спорот пред CAS во Лозана

На 11 септември 2026 година, Судот за спортска арбитража (CAS) во Лозана ги отфрли во целост жалбите поднесени од ФК Гостивар и од Енес Уста и ги потврди дисциплинските одлуки донесени од Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ).

Спорот се однесува на санкциите изречени по натпреварот ФК Гостивар – ФК Работнички (29. коло, 1 МФЛ, натпреварувачка сезона 2024/2025). Во постапките пред органите на ФФМ беа утврдени организациски пропусти на натпреварот, присуство на неовластени лица во службените простории и напуштање на теренот од страна на екипата на ФК Гостивар. Клубот доби дисциплински мерки, меѓу кои и одземање бодови, а Енес Уста беше санкциониран поради своето однесување и поттикнување на настаните што доведоа до прекин на натпреварот.

Резултатите од одлуката на CAS

CAS по разгледувањето на жалбите оцени дека одлуките на дисциплинските и жалбените органи на ФФМ се донесени во согласност со важечките прописи и дека изречените санкции се соодветни и пропорционални на утврдените прекршоци. Со тоа, жалбите на ФК Гостивар и Енес Уста беа одбиени, а оспорените одлуки на ФФМ беа потврдени во целост. Одлуката на CAS е конечна и не подлежи на понатамошна жалба.

Оваа пресуда има посебно значење за ФФМ бидејќи претставува прв случај во кој Федерацијата успешно ги одбранила своите одлуки пред Судот за спортска арбитража во Лозана. Одлуката ја потврдува практиката дека одлуките на надлежните органи на ФФМ се темелат на прописите и принципите на фудбалското право и подлежат на независна меѓународна правна проверка.

Од ФФМ изјавија дека ќе продолжат да постапуваат согласно своите прописи, статутарните определби и принципите на УЕФА и ФИФА, со цел заштита на интегритетот на натпреварувањето, владеење на правото во фудбалот и еднаков третман на сите учесници.

ФФМ веќе била предмет на постапки пред CAS: во 2011 година Масар Омерагиќ го доби спорот пред CAS против тогашното раководство на Федерацијата, откако претходно му беше изречена доживотна суспензија и тоа го спречи да се кандидира за претседател на ФФМ. Пред CAS беше донесена и одлука против Федерацијата во спорот со поранешниот селектор на А репрезентацијата, Мирсад Јонуз, за неисплатени обврски од неговиот договор.

Фото: прес-материјал од настанот

Поврзани написи