Почетна
Свет

Естонија ќе ги затвори сите премини со Русија од 1 декември по обид за саботажа на фабрика за дронови

Одлуката следува по спречен обид за саботажа на фабрика за дронови; властите велат дека зад нападот е ГРУ.

·Свет
Естонија ќе ги затвори сите премини со Русија од 1 декември по обид за саботажа на фабрика за дронови

Естонија ќе ги затвори сите гранични премини со Русија почнувајќи од 1 декември, соопштија властите откако безбедносните служби спречија обид за саботажа на компанија за производство на беспилотни летала. Според Талин, операцијата била нарачана од руската воена разузнавачка служба ГРУ.

Апсења и штета

Во саботата наутро естонските безбедносни сили привеле осум лица при обидот за напад врз „Треод системс“ (Threod Systems) — одбранбена фирма која произведува извидувачки и борбени дронови со долг дострел. Благодарение на брзата реакција на обезбедувањето на фабриката, во нападот нема повредени и не е предизвикана материјална штета, соопштија властите.

Од естонската служба за внатрешна безбедност (Капо) наведоа дека целта на напаѓачите била да предизвикаат експлозија и да го запалат објектот. Јавниот обвинител веќе побарал мерка притвор за петмина од осомничените.

Премиерот Кристен Михал ја образложи одлуката за затворање на премините како мерка за намалување на ризикот и како јасна порака до Москва. „Целта на Русија е да нè исплаши, да нè натера да се двоумиме и да ја ослабне нашата поддршка за Украина. Одговорот на Естонија е спротивен – ќе ја зајакнеме нашата безбедност, уште поблиску ќе соработуваме со компаниите и сојузниците, ќе го зголемиме притисокот врз Русија и ќе продолжиме да ја поддржуваме Украина“, порача Михал.

Шефот на естонската дипломатија, Маргус Цахкна, предупреди дека непријателските дејствија против Естонија имаат последици и дека обидите за заплашување и дестабилизација нема да останат без одговор.

Ова е втор инцидент во последните месеци што Талин го поврзува со Москва — во август беше предизвикан пожар во компанијата „Милрем роботикс“ (Milrem Robotics), кој е оценет од разузнавањето како однапред планирана операција на руските специјални служби во рамки на поширока шема на напади врз европски компании за дронови и одбрана.

Естонија има три гранични премини со Русија — Нарва на север и Коидула и Лухама на југ. Властите засега не прецизираа колку долго ќе траат нивните затворања. Од своја страна, Москва ги отфрли обвинувањата; портпаролката Марија Захарова оцени дека најавеното затворање се вклопува во „уште еден налет на агресивна и незауздана русофобија.“

Фото: Принскрин

Поврзани написи