ЕУ: Компаниите мора да означуваат содржина „направено со вештачка интелигенција“
Според новиот закон на ЕУ, фирмите треба да означуваат дипфејкови и да покажуваат кога корисникот зборува со ВИ; рокот за усогласување за постојните системи е 2 декември 2026 година.

Европската Унија почна да ги применува новите правила кои бараат компаниите што создаваат или користат содржини генерирани со вештачка интелигенција, вклучително дипфејкови, јасно да ги означуваат овие материјали како такви.
Според сеопфатниот закон на ЕУ за вештачка интелигенција, фирмите треба да обезбедат системите за ВИ, на пример чет-ботовите, да покажуваат дека корисникот комуницира со вештачка интелигенција, а слики и текстови создадени со ВИ треба да бидат соодветно означени за полесно препознавање.
Како треба да се означува
Означувањето може да се изведе преку дигитални водени жигови (watermarks) и други маркери кои го олеснуваат откривањето на содржините направени со ВИ. Компаниите кои нема да ги почитуваат правилата може да се соочат со високи парични казни. Правилата се однесуваат на создадени материјали за професионални цели; користењето на ВИ исклучиво за лични потреби е исклучено од обврските.
Како што истакна еден претставник на Европската Унија: "Генеративната вештачка интелигенција овозможува создавање дезинформации во досега невидени размери, приспособени на конкретни публики и распространети со извонредна брзина" и дека целта е "да ја зачуваат способноста на граѓаните да имаат доверба во она што го гледаат, слушаат и читаат".
Текстовите кои имаат задача да информираат јавноста за прашања од општ интерес ќе мора да бидат означени ако се создадени со ВИ без човечки уреднички надзор. Постоечките системи за вештачка интелигенција имаат рок до 2 декември 2026 година да се усогласат, додека се предвидени исклучоци за "уметнички, креативни, сатирични и фиктивни" дела.
ЕУ се соочи со критики дека новите обврски ќе ги натоварат компаниите и дека ширењето на ВИ може да доведе до означување на голем дел од онлајн содржините. Сепак, големите технолошки компании веќе работат на сопствени ознаки.
На пример, ТикТок веќе неколку години бара од креаторите да означуваат слики, аудио и видеа создадени со ВИ и наведува дека повеќе од три милијарди содржини веќе имаат такви ознаки благодарение на алатките и технологијата за препознавање. Слично, Мета воведе ознака "AI Info" на Инстаграм и Фејсбук. Гугл го потпиша Кодексот на ЕУ за транспарентност на вештачката интелигенција и соопшти дека работи со компании како Нвидиа, ОпенАИ и Епл на алатки за дигитално означување.
Експертите за прашања на приватност и регулативи посочуваат предизвици при имплементацијата. "Слушнавме дека ќе биде многу, многу тешко да се спроведе ова. Но, мислам дека тоа често го слушаме кога станува збор за исполнување регулаторни барања. Сепак, животот продолжува и наоѓаме начин да ги решиме тие работи", изјави Ешли Касован од Меѓународната асоцијација на професионалци за приватност. Оттаму, Карен Масин од Гугл предупреди: "Ако интернет-содржините бидат преплавени со ВИ-ознаки што се преклопуваат и правни известувања, на луѓето ќе им биде потешко да го добијат јасниот контекст што им е потребен".
Како дополнителна мерка, ЕУ издвојува 10 милијарди евра за изградба на гигафабрики за вештачка интелигенција.
Фото: прес-материјал од настанот