Почетна
Македонија

Европа размислува за нови правила за проширување поради страв од „тројански коњ“

Лидерите на ЕУ ќе ги разгледаат институционалните промени поврзани со проширувањето на самитот на 15 и 16 октомври; одлуките ќе имаат последици и за македонскиот пат кон ЕУ.

·Македонија
Европа размислува за нови правила за проширување поради страв од „тројански коњ“

Европската Унија повторно ја отвора сложената дебата за тоа како да прима нови членки без да го отежне функционирањето на поголем блок. Одговорите најверојатно ќе почнат да се обликуваат на Советот на ЕУ што ќе се одржи на 15 и 16 октомври годинава.

Институционалните промени стануваат клучни

Според објавени информации, Европската комисија подготвува предлози за редизајн на правилата за идните членки. Целта е сегашните членки да добијат гаранции дека проширувањето нема да го парализира процесот на донесување одлуки ниту ќе ги отежни механизмите за распределба на европските средства.

Во некои престолнини владее резервираност кон пребрзо проширување — меѓу нив се споменуваат Франција, Германија и Холандија. Главната грижа е дека новопримените држави, по промена на власта или политичкиот курс, би можеле да блокираат важни политики на Унијата; како што е опишано од еден дипломат, постои страв да не ѝ се внесе „тројански коњ“.

За Македонија ова прашање е особено важно: земјата останува дел од процесот на проширување кон Западен Балкан додека во меѓувреме се забрзуваат пристапните чекори за Украина и Молдавија. Брисел инсистира кандидатите да ги исполнуваат преземените обврски, но и признава дека самата Унија треба да се подготви институционално за зголемувањето на бројот членки.

Примерите од минатото често се искористуваат како предупредување: Црна Гора ги започна преговорите во 2012 година и ги има отворено сите 33 поглавја, при што 2028 година се споменува само како можен рок за членство доколку се исполнат сите обврски. Турција доби кандидатски статус во 1999 година, преговорите почнаа во 2005 година, а процесот практично е блокиран од 2018 година.

Политичкиот аналитичар Синиша Пекевски не очекува октомвриските разговори да донесат суштински пресврт за Македонија. „Го нишаат возот, односно вагонот, за да мислиме дека се движи“ – вели Пекевски.

Пекевски дополнува дека промени во пристапниот процес бараат едногласна согласност на сите членки, што ги прави тешки за спроведување. „Во суштина, ништо нема да се промени со тоа, ниту, пак, ќе се донесат какви било нови критериуми, затоа што за тоа е потребна едногласна одлука од сите земји членки на Европската Унија. А да бидеме реални, независно од дебатите што се водат во Брисел, Македонија со состојбите во земјата не покажува дека е подготвена за членство во Унијата. Сетете се на грешките со државното знаме, потсетете се на проблемите со водоснабдувањето и загадената вода во Гостивар, а да не ја спомнуваме состојбата со владеењето на правото. Затоа, сметам дека најавите за можни промени во начинот на проширување на ЕУ немаат големо значење за Македонија“ – објаснува Пекевски.

Тој предупредува дека и државите кои се сметаат за понапредни во процесот може да наидат на нови вета од членки кои го гледаат својот интерес. „Реално, очекувам и големи проблеми при влезот на Албанија и на Црна Гора, затоа што очекувам разноразни вета од Хрватска, од Словенија, од поразвиените земји, кои секако си го гледаат својот интерес“ – вели Пекевски. Тој заклучува дека на самитот во октомври најмногу може да се очекуваат разговори, но не и конечни одлуки за новиот модел на проширување. „Монти Пајтон, во суштина, се случува во ЕУ, која е во длабока криза. Нејзе, всушност, прво ѝ треба драстична реформа“ – вели Пекевски.

Фото: прес-материјал од настанот

Поврзани написи