Европската комисија предлага нов модел за постепено интегрирање на кандидатите
Брисел предлага учество на кандидати во одредени политики пред полноправно членство и заштитни клаузули во идните договори.

На 6 октомври 2026 година Европската комисија ја објави нацрт‑стратегијата „Подготовки за поширока Унија“, во која предлага нов модел за идното проширување на Унијата. Предлогот предвидува постепена интеграција на земјите‑кандидатки во одредени политики на ЕУ уште пред формалното членство, доколку кандидатите ги исполнат критериумите за секоја област.
Промена на логиката и правилата
Документот ја отфрла идејата за т.н. обратно членство — концепт по кој кандидатот добива побрзо формално членство но со ограничени права — и наместо тоа предлага инклузивен, постепен пристап додека траат пристапните преговори.
Европската комисија предлага и промени во начинот на одлучување во процесот: отворањето преговарачки кластери, затворањето поглавја и други меѓучекори би можеле да се одобруваат со квалификувано мнозинство, со што би се намалил просторoт една членка сама да блокира дел од преговорите. Едногласноста сепак останува неопходна за завршувањето на процесот и за приемот на новата членка.
Паралелно, предвидени се поцврсти механизми за заштита од евентуално враќање на преземените обврски по пристапувањето. Комисијата предлага тие механизми да се вградат во идните договори за пристапување и да можат да бидат активирани доколку новопримената членка ја крши демократската пракса или основните вредности на ЕУ.
Заштитните мерки ќе покриваат три клучни области: економијата, внатрешниот пазар и правдата и внатрешните работи. Во најсериозните случаи може да се предвиди и суспензија на правото на глас.
„Со заштитните клаузули во идните договори за пристапување, ЕУ сака да спречи новите членки да отстапат од обврските што ги презеле во текот на пристапните преговори. Тие клаузули се еден вид осигурување“, изјави денеска еврокомесарката за проширување Марта Кос.
Фото: прес-материјал од настанот


