Европската комисија: Судството останува со исти проблеми, борбата против корупцијата стагнира
Извештајот наведува ограничен напредок во повеќето области, додека случаи на висока корупција се одолговлекуваат и перцепцијата за неказнивост расте.

Новиот извештај на Европската комисија за Северна Македонија констатира дека во изминатите 12 месеци земјата постигнала некаков или ограничен напредок во најголем дел од поглавјата, но дека суштинските проблеми во судството и во борбата против корупцијата остануваат нерешени.
Во делот посветен на корупцијата, Комисијата нотира дека во последните 12 месеци не е постигнат никаков напредок и посочува дека случаите на висока корупција продолжуваат да се одолговлекуваат, „што ја поттикнува перцепцијата за неказнивост.”
Извештајот посебно истакнува и прашања поврзани со законодавството: амандманите на Кривичниот законик од јануари 2026 година за злоупотреба на службената положба не дадоа соодветен одговор на измените воведени со Законот од 2023 година.
Клучни забелешки за медиумите, правата и реформите
Комисијата констатира дека нема напредок во слободата на медиумите, а во изборниот процес се забележуваат недостатоци — неусогласување и непримена на европските стандарди и препораките на ОБСЕ. Во доменот на основните права не е направено усогласување со европското законодавство во делот на недискриминацијата, а родово базираното насилство е опфатено како сериозен проблем за почитувањето на човековите права.
Што се однесува до судските реформи, иако е забележан одреден напредок, извештајот предупредува дека финансиската независност и автономија на судството се поткопани од мешање на други државни гранки во неговото работење, како и од драстичен недостиг на финансии и човечки ресурси.
Во економските критериуми земјата е добро подготвена за развој на функционална пазарна економија и има ограничен напредок во финансиската контрола, но во реформите на јавните набавки нема напредок. Комисијата исто така подвлекува дека договорите со соседите, како што се Преспанскиот договор со Грција и Договорот за добрососедство со Бугарија, мора да се спроведуваат со добра волја од двете страни. Нема направени обиди за усвојување на уставните измени со кои би биле вметнати и Бугарите во Уставот, и историската комисија не покажа резултати по состаноците во изминатите 12 месеци.
Фото: прес-материјал од настанот


