ФАО: Светските цени на храната во јули се зголемија, житарките и шеќерот најмногу поскапеа
Индексот на цените на храната на ФАО во јули беше 131,1 поен; житарките пораснаа за 3,4%, а шеќерот за 5,6%.

Светските цени на храната повторно пораснаа во јули, поттикнати од екстремни временски услови, повисоки цени на енергенсите и геополитичка неизвесност, соопшти Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации (ФАО). Индексот на цените на храната на ФАО во јули достигна 131,1 поен, што е за 0,6 проценти повеќе во споредба со јуни и за 1 процент повеќе во споредба со истиот период минатата година.
Најголем месечен раст беше забележан кај житарките. Индексот на цените на житарките се зголеми за 3,4 проценти, при што цената на пченицата се зголеми за 5,8 проценти. ФАО го посочи стравувањето од можни нарушувања на извозот од регионот на Црното Море и топлотните бранови кои негативно влијаат врз приносите во неколку големи земји производители. Цената на пченката (мајз) исто така порасна за 3,6 проценти, под влијание на сушата во делови од Соединетите Американски Држави и поскапувањето на енергенсите.
Индексот на цените на растителните масла се зголеми за 2 проценти и го достигна највисокото ниво од јуни 2022 година. Најголем раст има кај палминото масло поради силната побарувачка од индустријата за биодизел во Индонезија и повисоките цени на суровата нафта. Цената на соиното масло исто така порасна, додека сончогледовото и маслото од репка бележат благо намалување.
По краткотрајниот пад во јуни, цената на шеќерот во јули повторно порасна — за 5,6 проценти. ФАО ја поврзува оваа зголемена со топлото и суво време во Европа и со временските промени поврзани со феноменот Ел Нињо, кои ја намалуваат прогнозата за производството во неколку азиски земји.
Месо и млечни производи во пад
За разлика од житарките и шеќерот, цените на месото и млечните производи се намалија. Индексот на цените на месото падна за 2,8 проценти — прв месечен пад годинава; поевтинија живината, свинското и говедското месо поради послаба побарувачка и поголема понуда на светскиот пазар. Индексот на цените на млечните производи се намали за 0,7 проценти, иако цената на сирењето повторно почна да расте по една година пад.
ФАО предупреди дека доколку продолжат екстремните временски услови и геополитичките тензии, притисокот врз глобалните цени на храната може да остане и во наредните месеци. И покрај тоа што гладувањето во долг временски период опаѓа, над 645 милиони луѓе сè уште немаат доволно храна, посочуваат ОН.
Фото: devex.com