Фаворитите се соочија со тешкотии, нова победа за ШК Алкалоид
Македонскиот шампион совлада Ашдод во четвртото коло и ќе се сретне со Novi Bor во следниот натпревар.

Во четвртата рунда на Европскиот клупски куп во шах (21.10.2026) фаворитите се соочија со први сериозни тешкотии, но шампионот ШК Алкалоид остана меѓу четирите екипи со максимални осум бода по натпреварот против седморангираниот Ашдод од Израел.
Алкалоид го реши мечот со победи на клучните табли
Интернационалниот состав на Алкалоид претрпе ранен удар кога Александар Инѓиќ на петтата табла направи грешка што доведе до неизбежен пораз и покрај белите фигури. Мечот беше решен благодарение на поволните резултати на горните табли и конечната победа на шестата табла.
„Тешко извојувана победа во меч со драматични моменти, во кој противникот имаше почетна предност. Александар Инѓиќ на петтата табла стартуваше со грешка во раниот дел на партијата, поради која поразот беше неминовен, иако ги имаше белите фигури и беше еден од надежите за сигурна победа. Наспроти тоа, на првите три табли освоивме 2,5 поени: Еригаиси го намачи Елјанов, но искусниот украински шахист успеа да се избори за реми, додека, пак, Веи и Ју забележаа фантастични победи на втората и на третата табла, во комплицирани позиции и со врвно ниво на игра. Поради поразот на Пураник на четвртата табла, мечот го реши разиграниот Ивиќ со победа на шестата табла. Овие први индивидуални порази укажаа на тоа дека веќе влегуваме во финишот на турнирот, каде што секоја партија има извонредно значење на патот кон освојување нов медал, при што се наметнува и потребата од зацврстување на играта на пониските табли“, изјави ВМ Влатко Богдановски.
Враќањето на Јангји Ју во екипата по почетното отсуство од здравствени причини би требало да биде сигурноста која е стожер на успесите во вакви тешки мечеви.
Во други натпревари, прворангираниот тим според просечниот рејтинг, Бајеган Пендик (Турција), беше сопрен од црногорската Електропривреда која освои нерешено 3:3, а ист резултат 3:3 забележаа и петтите носители Нагиканижаи (Унгарија) и Екс ен Провенс (Франција). Романскиот СуперЧес и чешкиот Нови Бор преживеаја тешки мечеви со клубови од Азербејџан и од Израел, но ја загубија почетната перфекција.
Најголемото изненадување го приреди словачкиот ШК Церо Инвест Нитра победувајќи го израелскиот Бер Шева, со што си обезбеди дуел со СуперЧес, додека Алкалоид ќе игра против повеќекратниот европски шампион Нови Бор — противник со кој лани го освоија второто место.
Вториот македонски тим, ШК Мулти Есенс (рангиран 43.), се соочи со 19. носител Рокаден од Шведска и загуби со 2:4. „Шведскиот тим се покажа како исклучително цврст противник и не ни даде шанса да се надеваме на сензација. Ристески и Панчевски успеаја да го издржат притисокот на првите две табли, додека, пак, на третата и на четвртата Лазов и Јорданов, во исклучително остри позиции, не успеаја да го направат истото, па ги загубија мечевите. Ефтовски на петтата табла стартуваше со тешка позиција, но продолжи фајтерски и се избори за реми. Можеби единствената шанса за победа се укажа на шестата табла на која Жежовска имаше солидна позиција, но недоволната прецизност на крајот доведе до уште една поделба на поенот“, рапортираше ВМ Трајко Недев.
Во петтото коло ШК Мулти Есенс ќе игра со финскиот клуб Етела Вантаан, кој е рангиран на 71. место според стартниот просечен рејтинг.
Фото: прес-материјал од настанот


