Филипче: Глигоров уште од 90-тите ја претстави Европа како национална цел
Лидерот на СДСМ премиерно го прикажа документарецот за Глигоров и повика на обновен фокус кон европските интеграции

Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, на партиски настан посветен на 35-годишнината од независноста ги истакна заслугите на првиот претседател Киро Глигоров и повика на обновен фокус кон европските интеграции како национална цел.
На свеченоста „Македонија е сè што имаме“, организирана од СДСМ, Филипче премиерно ја презентираше документарната проекција „Глигоров од Македонија“ во режија на Никола Т. Калајџиски и Аристид Филактов и потсети на доследната европска ориентација на Глигоров уште од раните 90-ти.
Филипче: Глигоров уште на почетокот на 90-тите го постави европскиот курс
Според Филипче, Глигоров ја формулирал европската ориентација како природна политичка, економска, географска и цивилизациска средина за државата и постојано ја повторувал како политички аманет, предупредувајќи дека членството бара труд, знаење, учење и реформи.
Во говорот тој се праша што сторила државата добиена пред 35 години по мирен пат и посочи дека историската улога на Глигоров не била секогаш доволно вреднувана во татковината. „Што направиме со државата што ја добивме пред 35 години по мирен пат, без жртви и без разорувања, за што историски заслуги има нашиот претседател Киро Глигоров. Долго време Киро Глигоров беше човекот кому дел од Македонија не сакаше да му ги признае заслугите, а историјата сè појасно му ги признава. Ние денес не го браниме претседателот Глигоров. Неговите заслуги се толку големи што тој и покоен самиот се брани со своите дела,“ рече Филипче.
Тој ги објасни и принципите на надворешната политика што ги застапувал Глигоров: „Неговата прочуена политика на еквидистанца кон соседите често беше погрешно толкувана како држење на сите на еднакво растојание. Но, смислата на еквидистанцата беше поинаква. Таа значеше подеднакво добри односи со сите соседи. Тоа е мудроста на една мала држава сместена во чувствителен регион. Ниту кавги со соседите. Ниту барање покровители. Ниту производство на непријатели за домашна политичка употреба. Пристојни и пријателски односи со сите. Достоинство пред сите. Зависност од никого,“ истакна тој.
За актуелната политичка реалност Филипче изјави дека, иако Европа понекогаш може да изгледа неправедна кон Македонија, задачата на политичарите е да бараат решенија, а не да дозволуваат застој. „Можеме да сметаме дека Европа кон Македонија е неправедна. И навистина е, многу пати била. Но, одговорноста на политичарите е да најдат решенија, а не да се смета за успех да се стои во место со децении. Државата не се води со болна суета, со лажен патриотизам, со удирање во гради. Се води со резултати и саможртви со носење на непопуларни одлуки, но историски оправдани. Само идните непристрасни генерации можат правилно да оценат колкава е цената на прифатените компромиси, а колкава е загубата од бескомпромисноста и изгубните децении на побрз сестран развој,“ рече Филипче.
На крајот, тој ја нарече европската перспектива најголем државен интерес и упати критика кон реториката која ја заменува политиката: „Европските интеграции не му припаѓаат на СДСМ. Не му припаѓаат на ВМРО‑ДПМНЕ. Не му припаѓаат на ниеден претседател, премиер или министер. Тоа е најголем државен интерес. Не е доволно тоа само реторички да се нагласува, а ништо да не се прави да се стаса до целта,“ нагласи Филипче, повикувајќи на конкретни одлуки и работа.
Фото: СДСМ


